Проф. Атанасовски: Нема ниеден запис дека Самоил се нарекол бугарски цар

Објавено:

„Цар Самоил никогаш не бил во Бугарија, зошто да се прибира, кога е земен тој од Бугарија? Вака излегува дека ние сме го украле Самуил од Бугарија и сме го донеле во Македонија, а тој е роден во Македонија, тука умрел и тука е погребан. Не знам… која е новината да се прибира тој во Бугарија?! Тоа е најголемата глупост“.

Вака македонскиот универзитетски професор Александар Атанасовски одговорил на прашањето „Како во Северна Македонија е примена веста за пренесување на моштите на цар Самоил од Грција во Бугарија“, во гостување на Бугарското национално радио.

Проф. д-р Атанасовски, чија специјалност е средниот век, вклучително и времето на Византија и Самуиловото Царство, беше гостин во емисијата Радио Точка, во рамки на програмата Хоризонт на Бугарското национално радио, чиј водител го најавува како еден од ретките од Македонија кој се одзвал на повикот за интервју на оваа тема.

„Според мене, моштите на Самуил се однесени во Бугарија уште во 1943 година. После капитулацијата на Италија во Втората светска војна, бидејќи Италијанците ја држеле Преспанската област, бугарските војници навлегуваат во таа област и доаѓа археолог — мислам дека Филов беше по фамилијата — и тие прават истражување во селото Герман на Преспанското Езеро, каде што биле погребани татко му, мајка му и брат му. По некоја логика, би требало тоа да е семејна гробница и Самуил да е таму погребан. Сите мошти што се најдени во Герман, таму околу тие цркви, бугарските војници ги имаат однесено во Софија уште во 1943–44 година. Значи, можно е моштите уште тогаш да се однесени во Бугарија. Тие што сега ќе се земат, најверојатно не се мошти на Самуил. Таму каде што се тие гробови, најверојатно тоа се мошти на некој од свештениците. Доказ за тоа е првичниот наод на Муцопулос: положбата на скелетот, како лежи покојникот — не знам колку загледале вашите политичари и археолози — тој лежи на грб, и под главата има „заглавница“ што викаме ние, односно има три цигли во вид на буквата „П“, и тој лежи на горниот дел — значи две се поставени вертикално, другата е хоризонтално оддозгора, и тој лежи на неа. Таков начин на погребување нема ниту во Бугарија, ниту во Македонија. Значи, тоа кажува дека личноста што таму лежи не е од овие простори. Кој знае од каде е донесен — можеби е некој свештеник од Мала Азија или кој знае од каде. Таков начин на погребување на Балканот не постои“, вели професорот во интервјуто.

„Нема запис дека Самоил се нарекол бугарски цар“

Во емисијата било отворено и прашањето „чиј цар е Самоил“, за што македонскиот професор изнел повеќе историски факти.

„Немаме никаде запис дека тој се нарекол цар на Бугарите или на кои било други. Државата ние ја нарекуваме Самуилово Царство или Самуилова држава, но колку била царство и колку… тоа е друго прашање. Тоа е еден конгломерат, како што уште на времето вели Божидар Прокиќ, тоа е еден вид современа федерација од месни кнезови коишто се обединиле под власта на Самуил и биле и против Борис II и против Византија. Тоа јасно сведочи Скилица во неговата хроника“, одговорил професорот.

По ова следува прашањето „Што значи, за Вас Самуил не е цар, не е македонски цар?“

„Македонски не можеме да го наречеме, ви реков никаде не е наречен ни македонски, ни бугарски, ни каков било. Ако ги погледнете симболите на него што сте му ги закачиле на споменикот во Софија — тој го носеше 16-кракото сонце од античка Македонија, симболот на античка Македонија. Го носи и лавот напред. Погледнете го споменикот во Софија, вие сте го поставиле таму. Тоа се античките симболи од античка Македонија“, одговара проф. Атанасовски.

„Можност за раскинување на Преспанскиот договор“

Според него, ова е „уште еден обид како балканските војни, за кражба на македонските историски аргументи од една страна“, но и сигнал за македонските власти.

„А и самите Грци не се свесни дека со тоа прават голема повреда на Договорот од Преспа, и ако нашите власти се свесни, тоа може да го искористат за раскинување на тој договор бидејќи во тој договор не е предвидено археолошки остатоци и културно наследство да се дава на друга држава. Значи, тој си почива таму каде што умрел. Што има сега да ги носите, да се носат во Бугарија, по кој основ и зошто? Самуил Софија ја видел еднаш, во 986 година, кога дошол да ја брани од Василиј II, но во градот не влегол. Кога дошол да ја брани од Василиј Втори, но во градот не влегол. Бидејќи тргнал по… ваму по Искар и го изпреварил Василиј кај Ихтиман и дојде до битката кај Ихтиман 986-та. Самуил никогаш не бил во Софија. Што бара сега тој во Софија? Тоа е глупост, но сојузници стари се Грција и Бугарија и Србија, тие што ја поделија Македонија, сè уште сакаат да ја делат. И до кога ќе трае тоа – додека има живи луѓе и во Бугарија, и во Грција, и во Србија, ќе се настојува таа територија да се подели, што воопшто не е во ред. Тоа не се добрососедски односи, тоа е нарушување на добрососедските односи“, вели професорот.

Темата за цар Самоил повторно се отвори по вчерашното пренесување на „неговите останки“ од Солун во Софија, со две церемонии – едната во Грција, а другата во Софија.