Насилни протести на учениците во Франција, стотици повредени и приведени

Објавено:

Речиси 2.000 лица се приведени во Франција откако протестите на учениците поради условите во училиштата прераснаа во насилство, при што се повредени 305 полицајци и припадници на жандармеријата, соопшти Министерството за внатрешни работи.

Повеќето од приведените се осомничени за насилство, меѓу другото и врз полицијата.

Францускиот премиер Себастиен Лекорни во четвртокот свика кризен состанок откако протестите на учениците поради условите во училиштата се проширија низ земјата.

Само во средата беа уапсени повеќе од 600 лица поради сомнение за кривични дела, меѓу кои подметнување пожари и напади врз полицајци.

Протестите во четвртокот се проширија и на универзитетите, а блокади се регистрирани во околу 30 кампуси, според податоците на студентскиот синдикат „Унион Етидијант“.

Низ целата земја учениците протестираа поради дотраените училишни згради, преполните училници и недостигот на наставници.

На многу места протестите поминаа мирно, но во некои места дојде и до насилство и вандализам.

Медиумите известија и за напади врз автобуси и автобуски постојки, а полицијата против демонстрантите употреби и солзавец.

Протестите и блокадите прераснаа во сериозен политички проблем за владата на премиерот Себастиен Лекорни.

Ситуацијата е особено чувствителна бидејќи протестите се преклопуваат со незадоволството на граѓаните поради низа крајно непопуларни мерки за штедење, кои владата ги претстави како дел од буџетот за 2027 година.