Основното јавно обвинителство Битола поднесе обвинителен предлог против петмина лекари-интернисти од Клиничката болница „Д-р Трифун Пановски“, кои ги товари за тешки дела против здравјето на луѓето.
Според Обвинителството, лекарите во периодот од 28 мај до 4 јуни 2024 година, на Одделот за интерни болести, несовесно лекувале 40-годишна пациентка, при што дошло до влошување на нејзината здравствена состојба, што резултирало со смртен исход.
Пациентката претходно била прегледана од матичен лекар, кој се посомневал на воспаление на вените, односно тромбофлебитис. По прегледот на интерното одделение, според обвинителниот предлог, без целосна анамнеза и детални анализи ѝ била поставена дијагноза ревматоиден артритис и ѝ била дадена терапија, по што била пуштена на домашно лекување.
Обвинителството наведува дека поради тоа не била навремено утврдена нејзината вистинска здравствена состојба. Не била откриена и дијагностицирана тромбозата, ниту навреме била преземена соодветна терапија, со што, како што се наведува, била пропуштена можност за навремено откривање и лекување на тромботичниот процес и спречување или ограничување на неговото напредување.
На 1 јуни 2024 година, пациентката повторно се јавила во болницата со силни болки во стомакот и влошена општа состојба. Таа била хоспитализирана, но во наредните четири дена, според Обвинителството, и покрај абнормалните лабораториски и биохемиски наоди, не биле преземени дополнителни дијагностички испитувања за утврдување на причината за состојбата и одредување соодветна терапија.
Нејзината здравствена состојба продолжила значително да се влошува. На 4 јуни попладнето, пациентката побарала медицинска помош во приватна клиника во Скопје, каде што била примена во тешка општа состојба.
При итно извршениот хируршки зафат била констатирана тромбоза на горната и долната мезентерична артерија, со целосна гангрена на тенкото и дебелото црево. Според Обвинителството, состојбата веќе била неоперабилна, а пациентката починала на 5 јуни 2024 година.
Петтемина лекари се обвинети за „Тешки дела против здравјето на луѓето“ од член 217 став 4 во врска со член 207 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.


