Државниот завод за ревизија (ДЗР) го објави Конечниот ревизорски извештај од извршената ревизија на информациски системи како ревизија на успешност на тема „Мој Термин – оптимизација на здравствените процеси и подобрување на квалитетот на здравствената заштита”.
Во извештајот, меѓу другото, е наведено дека од 1 јануари 2021 година до 30 април годинава, системот „Мој Термин“ не бил покриен со договори за одржување вкупно 738 дена, што претставува 37,9 отсто од анализираниот период.
Договорите за одржување се склучувале на годишно ниво, без обезбедување на континуитет.
Во истиот период, за одржување на „Мој Термин“ и поврзаните системи кај ЈЗУ се вложени 333,3 милиони денари (5,42 милиони евра), при што само девет отсто од средствата се однесуваат на националниот здравствен информатички систем, а 91 отсто на други системи во јавното здравство.
Со анализата, како што се додава, не се опфатени трошоците за апликативните софтвери и нивното одржување што ги користат матичните лекари и приватните здравствени установи.
Утврдено е дека 48 отсто од вкупните вложувања кај ЈЗУ кои користат други информациски системи се концентрирани кај три софтверски компании, што упатува на зголемен ризик од концентрација и ограничена конкуренција.
Во отсуство на изработена функционална анализа за потребите од кадар во Управата за електронско здравство, пополнети се само 29 отсто од предвидениот број на вработени, стои во извештајот.
Дел од потребите за вработени се покриваат преку договори по дело, кои се склучуваат на годишно ниво.
Во делот на институционалното управување, со ревизијата е утврдено дека Управата за електронско здравство, иако е надлежна за развој и надградба на интегрираниот здравствен информатички систем, нема ингеренции за спроведување јавни набавки поврзани со „Мој Термин“.
Исто така, поимот „Мој Термин“ не е регистриран и правно заштитен од надлежните институции, туку од економски оператор со кој Министерството за здравство склучува договори за одржување на системот.
Ова значи дека Министерството не е носител на авторските права над поимот „Мој Термин“, туку тие права ги контролира приватен економски оператор и постои ризик од спорови за интелектуална сопственост на „Мој Термин“, се вели во извештајот на Државниот завод за ревизија.


