Во БиХ в недела избори на сите нивоа на власта

Објавено:

В недела во Босна и Херцеговина се одржуваат општи избори, на кои нешто повеќе од 3,4 милиони гласачи ќе одлучат кој во следните четири години ќе владее во Босна и Херцеговина, нејзините ентитети и кантони.

Најважната новост на претстојните избори е воведувањето нови технологии за проверка на идентитетот на гласачите врз основа на биометриски податоци, односно отисок од прст, како и машинско броење на гласачките ливчиња.

Новите машини ќе бидат поставени на сите 5.200 избирачки места, а обезбедени се и резервни во случај на дефект. Со тоа би требало да се избегнат измами како кражба на идентитет или повеќекратно гласање, а скенирањето со двоен систем на проверка ќе овозможи брза обработка на точните резултати од гласањето.

Граѓаните на БиХ на гласачките места ќе излезат во атмосфера оптоварена со засилени меѓунационални тензии и постојани политички судири кои уште од средината на 2024 година доведоа до целосна блокада на процесот на европски интеграции и губење на стотици милиони евра поддршка што Брисел ги намени за поддршка на спроведувањето на реформите.

И покрај ветувањата и најавите на партиите што ја формираа власта по изборите во 2022 година, изборната реформа и понатаму не е спроведена.

Затоа и оваа година за позициите на тројцата членови на Претседателството на БиХ кандидатите ќе се натпреваруваат според правила што ги дискриминираат припадниците на националните малцинства, но и на конститутивните народи доколку живеат во ентитет во кој се малцинство, а остана отворена и можноста побројните Бошњаци значително да влијаат врз изборот на членот на државниот врв од редот на Хрватите.

Покрај членовите на Претседателството на БиХ на период од четири години, директно ќе се избираат 42-јца пратеници во Претставничкиот дом на парламентот на БиХ, 98 пратеници во Претставничкиот дом на парламентот на Федерацијата и 83 пратеници во Народното собрание на Република Српска.