Софија сè уште не одговорила на македонското барање за средба меѓу македонскиот министер за надворешни работи Тимчо Муцунски и неговата бугарска колешка Велислава Петрова- Чемова, одговори кусо премиерот Христијан Мицкоски на 5 октомври. Повод за билатералната средба е состанокот за Коридорот 8 што ќе се одржи на 8 октомври во Софија.
„Откако ќе добиеме одговор, тогаш повеќе ќе можеме да коментираме“, изјави Мицкоски.
Иницијативата за ова барање следуваше по средбата на премиерот Христијан Мицкоски со претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен, во Скопје. Претходно, бугарската потпретседателка Илијана Јотова, коментирајќи го барањето испратено од македонските власти за билатерална средба, изјави дека патот на Република Северна Македонија кон Европската Унија не оди преку ултиматуми и ветувања и дека е потребен искрен дијалог.
Јотова порача дека е умерен оптимист и оти ќе побара од шефицата на бугарската дипломатија Петрова-Чамова да ѝ го покаже барањето за средба во Софија.
„За овој разговор да биде сериозен, Мицкоски мора многу добро да ја прочита европската политика во врска со проширувањето на Република Северна Македонија и да заборави дека ова е билатерално прашање, како што тој се обидува да го претстави. Ние секогаш сме биле отворени за разговори со нив, но разговори без ултиматуми и без отстапки од европската политика. Бугарија е дел од Европската Унија и не можеме да дозволиме земја која тргнала по европскиот пат да не ги прифаќа вредностите и доблестите на Европската Унија, а уште помалку да зборува со ултиматумски тон, но да останеме умерени оптимисти“, порача Јотова.
Во однос на средбата со претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен, Мицкоски ги демантира како што ги нарече, толкувањата на опозицијата и на одредени медиуми блиски до опозицијата дека изразил незадоволство од нејзините пораки или од застојот на патот кон Европската Унија.
„Мислам дека не само што не ја говорат вистината, туку и се обидуваат сега да ја искривуваат вистината. Јас, напротив, кажав дека имавме исклучително квалитетен, содржаен, пријателски состанок и дека сето она што во иднина претставува лична посветеност и посветеност на Европската Унија нè мотивира да продолжиме по патот на реформите и така и ќе продолжиме во периодот што следи“, истакна Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање за време на посетата на општина Теарце, каде што присуствуваше на пуштање во употреба на детска градинка.
Но, ден претходно, Мицкоски даде малку поинаква изјава.
„Средбата би ја оценил како исклучително пријателска, корисна, содржајна и ценам дека можеби и ќе биде клучна за некои процеси во иднина. Тие процеси очекувам да почнат веќе следната недела, откако веќе Министерството за надворешни работи и надворешна трговија достави барање до колегите од нашиот источен сосед за билатерална средба. Од друга страна, не можам да кажам дека сум задоволен од пораките коишто ги испрати претседателката. Таа јасно кажа дека стои на маса промената на Уставот, работа којашто е прифатена од претходната влада“, рече Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање по извршениот увид на градежни активности на мостот што се гради на улица „Љубљанска“ во Општина Карпош.
Клучната порака на Фон дел Лајен во петокот беше дека е потребно деблокирање на пристапниот процес за отворање на преговорите со Унијата.
„Она што ќе се случува другата недела е ревидирање на процесот на пристапување, тука ги имаме оние држави кои веќе се длабоко навлезени во тој процес, односно отвораат и затвораат поглавја и тоа се тие патокази. Моето лично мислење е дека можеме да бидеме мошне брзи со Северна Македонија затоа што веќе интензивно работиме на реформите кои се неопходни. Да, се уште има работа, но импресивно е она што досега го направивте. Сега се фокусираме на тоа да ја деблокираме ситуацијата за можеме потоа да дојдеме и со патоказ за Северна Македонија“, рече Фон дер Лајен.
Северна Македонија има статус на кандидат за членка на ЕУ од 2005 година. Таа заедно со Албанија, во јули 2022 ја одржа Прва меѓувладина конференција со Брисел, но за втората и за отворање на кластерите во рамки на преговорите со ЕУ, треба да ги направи уставните измени со кои ќе ја вметне бугарската заедница во Преамбулата од Уставот.
Позицијата на актуелната влада е дека нема да се впушти во процес на донесување на уставните измени со кои се бара внесување на бугарското малцинство во Уставот, се додека не се добијат гаранции дека нема да има нови билатерални условувања од бугарска страна.


