Охридскиот регион засега нема да биде впишан на Листата на светско наследство во опасност, туку Македонија доби дополнителен рок од пет години да ги спроведе препораките кои треба да го заштитат природното и културното наследство на Охрид, одлучи денеска Комитетот за светско наследство на УНЕСКО, на на 48 седница што се одржа во Бусан, Јужна Кореја.
„За“ одлуката гласаа 16 земји од вкупно 21 членка на Комитетот за светско наследство.
Ова доаѓа по години предупредувања дека Охридскиот Регион се соочува со сериозни закани како што се дивоградби, неконтролирана урбанизација и слаб плански надзор.
Пред ставање на листата на наследство во опасност, регионот се најде и лани, но тогаш македонската држава успеа да го одложи ваквиот чекор и да добие уште една година за исполнување на препораките од УНЕСКО.
Тоа значеше дека властите во Северна Македонија и во Албанија требаше да покажат реален напредок до 1 февруари 2026 година во заштита на природното и културното наследство на Охридскиот регион.
Во февруари делегација од земјава беше во посета на седиштето на УНЕСКО во Париз, а пред неполн месец амбасадори и претставници на Комитетот за светско наследство одржаа низа средби и во Македонија.
Главните забелешки
Во нацрт-одлуката што ја разгледуваше Комитетот на УНЕСКО се посочува оти се зема предвид направениот напредок како што се законодавните иницијативи во Македонија, подготовката на корективни мерки во Албанија, како и мерките за управувањето со отпад и вода, но и со управувањето со рибарството од македонска страна.
Сепак, Комитетот изразува најголема загриженост дека целокупниот напредок во справувањето со деградацијата на Охридскиот Регион е само ограничен и затоа бара двете држави да ги спроведат преостанатите препораки што ги даде УНЕСКО уште во 2017, потоа 2020 и 2024.
Еден од спорните моменти е и изградбата на Коридорот 8, па затоа се бара алтернативна рута.
Во една од точните се изразува и жалење затоа што нема напредок во подготовката на сеопфатна стратешка проценка на животната средина со цел да се процени какво влијание ќе имаат сите инфраструктурни и развојни планови. Затоа, се бара двете страни да го направат овој чекор и да го достават на увид.

Конкретно, за Македонија се нагласува дека треба да ја забрза проценката на влијание од дивоградбите врз основа на јасни критериуми и да спроведе корективни мерки, вклучително и нивно отстранување каде што тоа е соодветно.
Понатаму, да не прави измени на детални урбанистички планови и локални развојни планови надвор од населените места се додека не се направи стратешка проценка за животната средина која ќе покаже дека нема негативно влијание.
Муцунски: Значаен дипломатски успех на државата
Министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, оцени дека одлуката Охрид да не биде ставен на листата на културни наследства во опасност е значаен дипломатски успех на државата.
„Овој резултат е производ на координирана државна акција предводена од претседателот на Владата. Во целиот процес работевме во тесна координација со Министерството за култура и туризам, Министерството за транспорт, Министерството за животна средина и просторно планирање, општините Охрид и Струга, како и со нашата амбасада во Париз, која имаше важна улога во комуникација со УНЕСКО и со државите членки на Комитетот за светско наследство. Во изминатиот период водевме интензивни разговори, спроведовме дипломатски консултации и градевме поддршка меѓу државите членки на Комитетот. Јасно ги претставивме нашите позиции, ги презентиравме преземените обврски и политичката волја за заштита на Охридскиот Регион. Работевме посветено, координирано и со јасна цел – преку дијалог да ги приближиме ставовите, да ја зајакнеме довербата кај нашите партнери и така ја обезбедивме потребната поддршка за финалната одлука“, рече Муцунски на прес-конференција.
Тој кажа дека во првичниот предлог на одлуката било предвидено регионот веднаш да биде впишан на листата на светско наследство во опасност. Со усвојувањето на амандманот оваа формулација била отстранета.
Муцунски смета дека „секоја дивоградба, не само во Охрид, треба да биде законски и соодветно отстранета“ и дека во Охрид има конкретни предмети што треба еден по еден да се решаваат.
„Воспоставуваме јасен план. Добиваме долг период и можност, што сметам дека е голем успех, да отстраниме дел од овие состојби. Дел се прашања поврзани со урбанистичкото планирање и тоа е еден од значајните сегменти, но Владата ќе работи ангажирано на сите забелешки. Статусот на УНЕСКО треба да оди во паралелизам со туристичкиот, економскиот и социјалниот развој на целиот регион“, рече Муцунски.
Најмалку девет години загрижувачка состојба
Активистите за заштита на Охридскиот Регион, како што е иницијативата „Охрид SOS“ изминатиов период предупредуваа дека не се исполнуваат препораките од УНЕСКО и има сериозни пропусти во постапувањето на надлежните институции.
Власта и опозицијата, пак, меѓусебно се обвинуваа. Кога беше објавена нацрт-одлуката, од СДСМ го обвинија градоначалникот Кирил Пецаков и централната власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ дека директно го довеле Охрид пред впишување на Листата на светско наследство во опасност.
Од Општина Охрид, пак, им возвратија дека „како да не било вчера кога министерот за транспорт од редовите на СДСМ намерно ги криеше во фиока плановите за узурпирање на крајбрежјето“.

Најмалку од 2017 година, состојбата на природното и културното наследство на Охридскиот регион е загрижувачка за Комитетот за светско наследство, особено поради влијанието на човековите активности и развојните проекти. Затоа, локацијата е предмет на внимателно следење од страна на УНЕСКО и експертите на неговите советодавни тела, што вклучува доставување чести извештаи од државите членки за состојбата на зачувување на локацијата.
Охридското езеро, најстарото езеро во Европа, повеќе од 40 години е на мапата на УНЕСКО како светско природно и културно наследство. Тоа е дом на околу 200 уникатни видови, вклучувајќи и ретки видови пастрмка.
Mакедонската страна на Охридското Езеро беше прогласена за светско наследство во 1979 година, а во мај 2019 година, УНЕСКО ја прошири ознаката и на албанската страна на езерото.



