Успешно тестирана пругата Будимпешта- Белград

Објавено:

Тестирањето на железничката пруга Будимпешта–Белград во услови на сообраќај со максимално оптоварување успешно е завршено, соопшти унгарскиот министер за сообраќај Давид Витези.

Во текот на ноќта беше спроведено досега најсеопфатното тестирање на пругата Будимпешта–Белград, додаде Витези.

„Возовите сообраќаа како патничкиот сообраќај веќе да е започнат, движејќи се со часови според планираниот возен ред во периодите на најголема оптовареност. Имаше само една значајна разлика: во возовите немаше патници“, напиша Витези на својот профил на Фејсбук.

Според него, за време на тестирањето стручњаците испитале и различни сценарија за нарушување на сообраќајот и начини за нивно надминување.

Витези наведе дека стручњаците, надлежните домашни органи за сообраќај и компанијата за контрола на квалитетот ќе ги оценат резултатите од тестирањето, но истакна дека веќе може да се каже оти тестот поминал без проблеми.

„Системот за управување со возовите, кој е клучен за примопредавањето на пругата и неопходен за гарантирање безбедност при максимална брзина од 160 километри на час, функционираше добро“, истакна тој.

Витези наведе дека основното начело и натаму е безбедноста да биде на прво место и оти превозот на патници на оваа пруга ќе започне кога ќе биде утврдено дека ништо не ја загрозува безбедноста на патниците.