Агенти на американската имиграциска служба (ИЦЕ) застрелаа и ранија маж вчера додека тој бил во автомобил со дете, во населбата Марбл Хил во Њујорк, соопштија градоначалникот, градската полиција и очевидци.
„Првичните извештаи укажуваат дека агентите ги опколиле мажот и петгодишното дете во неговиот автомобил пред да испукаат повеќе куршуми“, изјави њујоршкиот градоначалник Зохран Мамдани.
„Телефонски разговарав со претседателот Трамп и со министерот за внатрешна безбедност, Марквејн Мулин, преговарајќи за ослободување на мажот што го застрелаа агентите на ИЦЕ. Преговорите беа неуспешни“, рече Мамдани на прес-конференција доцна во вечерните часови.
Тој соопшти дека побарал од администрацијата на Трамп ИЦЕ да ги прекине своите операции во Њујорк.
„Овие постапки го прават градот помалку безбеден. Овој град сака ИЦЕ да си замине. Сакаме ИЦЕ да го напушти нашиот град, нашите училишта, нашите болници и нашите улици, да се оддалечи од нашите деца“, рече Мамдани.
Министерството за внатрешна безбедност, под чија надлежност е ИЦЕ, соопшти дека службениците на агенцијата спроведувале „таргетирана операција за спроведување на имиграциските закони“ во Бронкс, Њујорк, со цел апсење на маж од Доминиканската Република со претходна кривична пресуда.
„За време на инцидентот, службеник на ИЦЕ го употребил своето огнено оружје, при што беше рането лицето кое нелегално престојува во земјата и има претходна кривична осуда“, соопшти Министерството за внатрешна безбедност, додавајќи дека агентите веднаш му укажале помош. „Лицето е живо и се наоѓа во локална болница.“
Федералните имиграциски агенти застрелале најмалку 21 лице откако Доналд Трамп се врати на функцијата, од кои седум смртно, што предизвика протести низ САД.
Критичарите тврдат дека напорите на Трамп за засилување на депортациите довеле до сè почести насилни судири и ја обвинуваат администрацијата дека избегнува да бара одговорност од инволвираните агенти.
Трамп изјави дека многу мигранти мора да бидат депортирани, обвинувајќи ги, често воопштено, за финансиски измами и насилни кривични дела.


