Хакери го нападнаа италијанското МНР, сомнежите водат кон Руси

Објавено:

Веб-страницата на италијанското Министерство за надворешни работи (МНР) денеска беше цел на хакерски напад. Италијанските новински агенции објавија дека проруската хакерска група NoName057(16) веројатно стои зад нападот, пренесува Euronews.

Според првичните информации, станува збор за таканаречен DDoS напад – тактика во која напаѓачите го преплавуваат серверот со лажни барања со цел да го преоптоварат и да го срушат.

Италијанското МНР објави дека безбедносните системи го ублажиле нападот и дека немало прекини во работата. Исто така, посочија и оти внимателно ја следат ситуацијата во соработка со Националниот стратешки центар и други релевантни државни тела.

Министерот за надворешни работи, Антонио Тајани, изјави дека сајбер безбедноста е клучен дел од реформата на Министерството, која беше одобрена минатата година.

„Во последните месеци ги зајакнавме нашите капацитети за превенција, следење и одговор на закани. Ги презедовме сите потребни контрамерки, вклучително и технолошки“, рече Тајани.

Тој, исто така, најави дека на претстојните состаноци во ЕУ, Италија во соработка со Романија и другите членки на Унијата, ќе предложи механизми за официјална идентификација на одговорните за сајбер нападите, вклучително и нападите врз италијанските институции.