Зошто Киродорот 8 за Европа е многу повеќе од железници и патишта?

Објавено:

Стратешки интерес за Европа и евроатлантските партнери. Поврзаност која не носи само патишта и железници туку е клучна и за прашања на геополитиката, економските можности и безбедноста.

Ова се дел од пораките што беа испратени денеска (8 октомври) од министерската конференција во Софија каде се дискутираше за важноста на Коридорот 8 кој поминува низ Бугарија, Македонија и Албанија односно треба да ги поврзе – со автопатишта и железница Јадранското и Црното Море.

Покрај министри и високи претставници од овие три земји, во бугарската престолнина денеска се собраа претставници на други земји од регионот – Романија, Косово и Црна Гора. Исто така, меѓу учесниците беше и еврокомесарката за проширување, Марта Кос, високи претставници на Европската служба за надворешна акција и НАТО, како и претставници на САД, Обединетото Кралство и Украина. На панел-дискусиите учествуваа и експерти од областа на транспортот, енергетиката, одбраната, инвестициите, иновациите.

Слични министерски состаноци се одржаа во Тирана – Албанија во февруари годинава, како и во Бриндизи – Италија во јули 2023. Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски понуди Скопје да биде домаќин на следната ваква средба.

Променетата безбедносна инфраструктура го менува пристапот

Домаќинката на настанот, бугарската министерка за надворешни работи Велислава Петрова Чамова во обраќањето порача дека промената безбедносна средина го променила и пристапот кон инфраструктурата.

„Војната во Украина покажа колку е важно брзото и непречено движење на воени сили, опрема и материјали во Европа. Воената мобилност не е апстрактен концепт, туку непосредна неопходност“, рече таа.

Слични пораки испрати и македонскиот министер за надворешни работи нагласувајќи дека Коридорот 8 претставува стратешка визија што ги поврзува Јадранското и Црното Море, Европската Унија и Западен Балкан, како и економиите, општествата и безбедносните интереси на земјите долж неговата траса.

„Во време на геополитичка фрагментација, нарушени синџири на снабдување и обновена конкуренција за критичната инфраструктура, ваквите коридори претставуваат инструменти за отпорност, стабилност и заеднички просперитет“, рече Муцунски, додавајќи дека овој коридор е и национален стратешки приоритет и важен дел од пошироките напори за интегрирање на Западен Балкан во европската економска и инфраструктурна архитектура.

Според него, Киродорот 8 мора да се развива како единствен прекуграничен систем – со усогласена динамика долж целата траса.

Како приоритет овој проект го потенцира и бугарската страна.

„За Бугарија, ова е долгогодишен приоритет, чија имплементација не секогаш добивала потребен поттик. Сепак, неговата важност оди многу подалеку од нашиот национален интерес“, рече бугарската министерка.

Таа истакна дека Коридорот 8 може да стане стратешка оска Исток-Запад и најави оти во 2027 Бугарија и Европската комисија ќе бидат домаќини на Самит за регионална поврзаност на кој ќе се промовираат развојот на врските меѓу Европа, Јужен Кавказ и Централна Азија.

Меѓу амбициите до 2030 година се диверзификација на рутите, тројно зголемување на трговските текови и значително намалување на времето на транзит.

„За нашиот регион да извлече максимална корист од оваа динамика, мора да ја истакнеме и интеракцијата меѓу Средниот коридор и Коридорот V8“, додаде Велислава Петрова.

До каде е изградбата на железницата од Коридорот 8?

Изминатиов период, Македонија и Бугарија ги интензивираа активностите во рамки на овој проект за конечно железничко поврзување на двете земји.

Првата делница од железницата од македонска страна, на потегот Куманово – Бељаковце е завршена и е во должина од 30,8 километри. Втората од Бељаковце кон Крива Паланка долга 34 километри е во изградба. На почетокот на август беа потпишани договорите за грант и заеми за изградба на третиот дел од делницата од Крива Паланка до границата со Бугарија кој е во должина од 22 километри. Како што беше претставен, тоа е најсложениот техничко-технолошки и инфраструктурен проект досега – во 22 километри ќе има дури 21 тунел во вкупна должина од 7,8 километри и уште 52 мостови и вијадукти од околу 5 километри.

Македонија и Бугарија ќе градат и заеднички тунел на самата граница во должина од 2,4 километри.

„Важноста на Коридорот е битна. Тој ги поврзува Јадранското и Црното Море. Коридор 8 е дел од инфраструктурата и на ЕУ и на НАТО, ќе ја зголеми отпорноста на земјата, на регионот и на континентот, ќе обезбеди поголема мобилност и за воени и за бизнис цели, но ќе ја олесни и трговијата и ќе зголеми конкурентноста“, изјави заменик-шефот на Делегацијата на ЕУ во Скопје, Бен Нупнау во август кога беа потпишани договорите за грантови и заеми за третата фаза меѓу Северна Македонија и ЕУ односно Европската инвестициска банка и Европската банка за обнова и развој.

Останатиот дел од Коридорот 8 – кон Албанија исто треба да се заврши и модернизира.

Премиерот Христијан Мицкоски во август изјави дека во рамки на Реформската агенда ќе биде опфатена модернизацијата и електрификацијата на делот од Скопје до Гостивар преку Јегуновце и Тетово. За финансирањето на делот од Гостивар кон Кичево, а понатаму и кон Струга и Албанија, се разговара и во европските институциите, но Мицкоски предупреди дека треба да се биде внимателен поради препораките од УНЕСКО под чија заштита е Охридскиот регион.