Само два месеци од последниот ребаланс на Буџетот, Владата подготви ново прекројување на државната каса. Со новиот ребаланс приходите се проектираат на 374,2 милијарди денари, а расходите на 420,5 милијарди денари. Тоа значи дека во однос на јулскиот ребаланс се предвидуваат околу 5,3 милијарди денари помалку приходи и приближно исто толку помалку расходи.
Буџетскиот дефицит се задржува на непроменето ниво, односно 46, 3 милијарди денари, или 4,1 процент од Бруто домашниот производ. Овој ребаланс всушност носи промена во спротивна насока – наместо зголемување на буџетската рамка, сега се намалуваат и приходите и расходите.
Министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска вели дека приоритет е да се одржи стандардот на граѓаните, да се контролира инфлацијата и да се одржат ниски цени на горивата.
Како главна причина Владата го наведува фискалниот ефект од намалувањето на акцизата и ДДВ-то за горивата. Пониските давачки значат пониски цени за граѓаните и компаниите, но истовремено и помал прилив во државниот Буџет. Од друга страна пак, Владата ја оправдува мерката со потребата да се спречи поскапувањето на горивата да се прелее врз транспортот, производството, храната и другите цени.
„Ги намалуваме расходите таму каде што реализцијата е послаба, или каде што не станува збор за највисоки приоритети. Но не штедиме на она што е најважно. Обезбедуваме дополнителни средства за социјално ранливи категории и за здравствени услуги. Кај капиталните расходи правиме корекција од 5, 7 милијарди денари, пред се поради пролонгирање на динамиката на реализација на одредени капитални проекти. Но, тоа не значи откажување на капитални инвестиции“, уверува министерката Димитриеска Кочоска.
Најголеми кратења има кај проектите кои не се отпочнати во министерствата за животна средина и финансии, но и во Управата за извршување санкции итн. Во делот на субвенции и трансфери поголеми кратења се предвидени во Министерството за енергетика, во делот на средствата кои биле наменети за плаќање на договори кон странство и кои сега се пренасочуваат во Министерството за социјална политика за социјална помош и други намени. Кратење ќе има и во Владата, кај проектите за кои е извесно дека до крајот на годината нема да се реализираат.
Од финансии велат дека нема да има промена во проекцијата на стапката на инфлација, која очекуваат да се движи од 3,5 до 3,8 проценти. Во делот на задолжувањето, министерката објасни дека последното задолжување од 150 милиони евра има за цел отплата на камата и главнина надворешен долг. До крајот на годината ќе има и други задолжувања, планирани со првиот ребаланс, а кои како што рече, ќе се користат за сервисирање на претходни долгови.
Со јулскиот ребаланс приходната страна на буџетот беше зголемена на 379,5 милијарди денари, а расходите на 425,8 милијарди денари. Една од главните промени во јулскиот ребаланс беше зголемувањето на средствата за капитални инвестиции, кои достигнаа околу 46 милијарди денари. Дополнителни средства беа насочени кон инфраструктурни проекти, меѓу кои Коридорите 8 и 10-д, автопатот Скопје–Блаце и железничката инфраструктура.
Сепак, според податоците на Министерството за финансии, до крајот на август биле реализирани околу 49 проценти од планираните капитални расходи. Тоа значи дека повеќе од половина од предвидените средства остануваат да се реализираат до крајот на годината, што ја отвора дилемата колку од најавените инвестиции навистина ќе бидат реализирани во предвидениот рок.
Средства беа обезбедени и за земјоделски субвенции, спорт, ученички и студентски стандард, социјални надоместоци, здравство и други мерки. Истовремено, дел од расходите за стоки и услуги беа намалени и пренаменети.
СДСМ: Бајките на Мицкоски за „трета економија во Европа“ паднаа во вода
Опозицијата обвинува дека буџетот е во катастрофална состојба и дека тоа е резултат на лошите владини политики.
„Буџетската дупка е огромна, 900 милиони евра. Владата нема доволно пари за плати, пензии и тековни обврски. Следуваат нови долгови врз грбот на народот. Веќе Владата се задолжи со нови 250 милиони евра, за буџетски потреби до крајот на годината. Не за враќање стари кредити, не за развојни инвестиции, туку за покривање на недостигот во државната каса“, велат од СДСМ.
Од опозициската партија предупредија дека со новото задолжување јавниот долг достигнува 11 милијарди евра, а со долговите кон ЈПДП и другите јавни претпријатија надминува 63% од БДП.
Министерката Димитриеска Кочоска пак, тврди дека вториот ребаланс е навремена реакција на новите економски услови и потврда за одговорно управување со јавните финансии.
„Правиме корекции таму каде што се неопходни, штедиме таму каде што можеме, но продолжуваме да инвестираме таму каде што е најважно. Овој ребаланс не е чекор назад, тој е навремена адаптација на буџетот на новите услови и потврда дека остануваме посветени на стабилни јавни финансии, заштита на животниот стандард и продолжување на економскиот раст“, вели Димитриеска Кочоска.
Речиси и да нема година во која нема ребаланс на државната каса. Најчеста причина за тоа е буџетскиот дефицит. Стручната фела сугерира дека е проблематично тоа што веќе неколку пати властите го одложуваат правилото за буџети, дефицитот да не надминува 3% од БДП. Според експертите, секое одложување значи повеќе камати и поголема изложеност на ризик при нови фискални шокови.
Инаку буџетската политика во континуитет е една од главните точки на судир меѓу власта и опозицијата. Речиси секој ребаланс на буџетот е проследен со спротивставени оценки. Власта тврди дека измените се неопходни за поддршка на економијата, реализација на капитални инвестиции и исполнување на обврските кон граѓаните. Опозицијата најчесто обвинува за прекумерна потрошувачка, недоволна реализација на инвестициите и зголемено задолжување.


