Ќе доцни вакцинацијата против грип – на тендерот не се јавила ниту една фирма

Објавено:

Министерството за здравство вложува напори вакцините против сезонски грип да бидат што побрзо обезбедени, за вакцинацијата на ранливите категории граѓани да почне според планираното, соопштија од Министерството, откако задоцни вакцинацијата против сезонски грип за која се препорачува да почне од средината на октомври.

Од таму велат дека проблемот е глобален поради промена на соевите на вирусите во нивниот состав, поради што било одложено производството на вакцините. Од МЗ очекуваат во текот на месецов да бидат обезбедени вакцини преку меѓународни канали.

„На објавениот тендер за набавка не пристигна ниту една понуда – причината е проблем во производството на глобално ниво, а не во нашата постапка. Оваа година, првпат одеднаш се променети сите три вирусни соеви во составот на вакцината (два за грип А и еден за грип Б). Светската здравствена организација и американската агенција ФДА ги ажурираа трите соеви заедно, што го одложи почетокот на производството кај производителите ширум светот“, соопштија од Министерството за здравство.

Оттаму потенцираат дека се во постојана комуникација со земјите од регионот и пошироко и дека се очекува наскоро, во текот на овој месец да бидат обезбедени вакцини преку меѓународните канали.

Минатата година, вакцинацијата против сезонски грип почна на 21 октомври, при што беа обезбедени 70.000 дози вакцини и дополнителни 2.600 дози комерцијални вакцини за луѓе кои не спаѓаа во ризични групи, но сепак сакаа да се вакцинираат. Во сезоната 2024/2025 година беа вакцинирани над 43.000 граѓани од различни категории.

Вакцината се препорачува за лица над 65 години, бремени жени, лица со хронични болести и деца на возраст од 6 месеци до пет години,