Со 64 гласови на пратеници „за“, ниту еден „против“ и „воздржан“, Собранието попладнево го усвои Дополнетиот ребаланс на Буџетот за 2026 година.
Пратениците од владејачката коалиција на расправата во Парламентот посочија дека ребалансот е насочен кон економска стабилност, развој и одговорно управување со јавните финансии преку политики. Пратениците од опозицијата, пак, тврдат дека дополнетиот предлог-ребаланс на буџетот не е насочен кон продуктивен развој, не е развоен и не е социјален, посочувајќи дека на граѓаните не им требаат пароли туку резлтати коишто според нив во овие две години изостануваат.
Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во експозето по предлогот истакна дека тој претставува навремено и одговорно усогласување на буџетските проекции со новите економски околности, како и за обезбедување средства за исполнување на законските обврски кои во меѓувреме се случуваа и реализација на развојните приоритети согласно степенот на нивната реализација.
„Со овие измени обезбедуваме средства за исплата на зголемените плати во секторите каде што е предвиден раст, дополнителна поддршка за земјоделството, повеќе средства за социјална заштита и за општините. Она што особено го издвојува овој ребаланс е обезбедувањето дополнителни средства за забрзување на инвестицискиот циклус и реализацијата на инфраструктурните проекти“, рече министерката.
Таа додаде дека измените се насочени кон продолжување на политиките за економска стабилност, развој и одговорно управување со јавните финансии и потенцира дека денес со изгласувањето на Ребалансот продолжува инвестицискиот циклус, изградбата на инфраструктурата, поддршката за локалниот развој и се обезбедува сигурност и предвидливост за граѓаните и стопанството.
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојаноски рече дека ребалансот ќе даде подобар квалитет на животот на граѓаните, на стопанството и на институциите и овој ребаланс ќе гарантира дека во наредните шест месеци до крајот на завршувањето на оваа година граѓаните ќе имаат повисоки плати, ќе имаат повисоки пензии, приватниот сектор ќе добие поддршка и секоја сфера на општеството ќе расте.
„Развојните потпрограми, оние коишто се директно одговорни за тоа што ќе се направи во државата, достигнуваат 41 милијарда и 58 милиони денари, што значи зголемување од 4,2 милијарди денари, односно 11,4 отсто“, кажа Стојаноски.
Со Дополнетиот ребаланс вкупните приходи се ревидираат на 379,5 милијарди денари, што претставува зголемување од 1,2 проценти во однос на иницијалниот Буџет. Вкупните расходи се ревидираат на 425,8 милијарди денари или повеќе за 2,8 отсто од првичните проекции. Буџетскиот дефицит е проектираниот на 46,3 милијарди денари или 4,1 отсто од БДП.
Со ребалансот се обезбедуваат 5,8 милијарди денари повеќе средства за капитални инвестици и се проектирани на ниво од 46 милијарди денари што е 14,3 отсто повеќе во споредба со иницијалниот буџет, а заради забрзаната динамика на реализација на капиталните проекти. Имено, во првата половина од годината реализацијата на капитални расходи достигна 19,4 милијарди денари, што претставува раст од 53,5 проценти во однос на истиот период минатата година. Зголемувањето на ставката за капитални расходи и инвестиции во инфраструктурата е причината за корекцијата на дефицитот од 0,6 процентни поени во однос на иницијалната проекција на буџетскиот дефицит.



