Рубио: САД сакаат силна Европа

Објавено:

Американскиот државен секретар Марко Рубио, кој се наоѓа на европска турнеја, изјави дека САД сакаат „силна Европа“.

„Сакаме нашите сојузници да бидат силни. Колку се тие посилни, толку сме колективно посилни и ние“, им рече Марко Рубио на новинарите на аеродромот во Атина пред да се качи во авионот за Португалија, последната станица на неговата турнеја, која оваа недела започна на Исланд.

Тој истакна дека колку се посилни поединечните членки на НАТО- општествено, економски и воено, толку е посилно и НАТО.

Рубио вчера беше во Грција на разговори за енергетиката, одбраната и културните прашања. Тој, исто така, најави билатерален договор за размена на информации поврзани со трговијата со дрога и тероризмот.

Во говорот одржан во подножјето на Акропол по средбите со грчки официјални лица, американскиот државен секретар ја нагласи моќта на САД и ја повика Европа да се разбуди од својот „долг сон“.

Тој оцени дека западната цивилизација се наоѓа „на пресвртница“ и на крстопат меѓу „националната моќ“ и пропаѓањето.

Рубио во понеделникот го посети Исланд, каде што се заложи за поголемо влијание на САД на Арктикот, по договорот што во септември го потпишаа САД, Данска и Гренланд.