Рубио во Грција, протести во Атина поради оваа посета

Објавено:

Американскиот државен секретар Марко Рубио доцна синоќа пристигна во Атина, каде што денеска ќе биде одржан шестиот круг од стратегискиот дијалог Грција – САД.

Предвидено е Рубио да се сретне со министерот за надворешни работи на Грција Јоргос Герапетритис и да биде примен од грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис.

Поради посетата на Рубио, Атина денеска ќе биде под силни безбедносни мерки, повремено ќе се затвораат улиците во центарот на градот, а со одлука на полицијата забранети се секакви собири и протести.

Инаку, со слогани против НАТО и САД, во центарот на Атина, пред грчкиот Парламент, синоќа беа одржани протести против посетата на Рубио, на кој демонстрантите му порачаа дека е „непожелен во земјата“.

Еден од собирите бил организиран од синдикатот ПАМЕ на Комунистичката партија, а засебни протести одржале и левичарски партии и организации, студентски здруженија.

Протестите завршиле мирно, а според полициски извори, на нив имало над 3.000 демонстранти.