Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, во рамки на престојот во Њујорк истакна дека имал можност да разговара со државниот секретар на Соединетите Американски Држави, Марко Рубио, посочувајќи дека ваквите разговори имаат особено значење за односите меѓу Македонија и САД, соопшти македонската влада.
„Овие разговори претставуваат потврда на важноста на стратегиското партнерство и континуираниот политички дијалог со Соединетите Американски Држави“, нагласи Мицкоски.
Тој посочи дека директната комуникација на високо политичко ниво е важна можност за размена на ставови за прашањата од заеднички интерес, продлабочување на билатералните односи и натамошно зајакнување на позицијата на Македонија како стабилен и доверлив сојузник.
За СДСМ, муабет во ходник Мицкоски продава како официјална средба
Во меѓувреме, опозицискиот Социјалдемократски Сојуз во сопштение истакнува дека власта неофицијален разговор во ходник дома го продава како средба на ултра високо политичко ниво.
„Страшно е човек што ја води владата на земјата, неформално муабетење во ходник да го претстави како официјална средба. Средба од тој ранг се води во кабинет, во сала, со агенда и записник. Не во ходник. Не раскопчан. Не без вратоврска. Не со раце во џебови“, се вели во соопштението на СДСМ.


