Бруто-домашниот производ во второто тримесечје од 2026 година порасна за 4,3 проценти во однос на истиот период лани, соопшти Државниот завод за статистика.
Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска денеска оцени дека растот е резултат на силната инвестициска активност, зголемениот извоз, растот на потрошувачката и позитивните движења во повеќе економски сектори.
„Ако ја погледнеме целата патека, од 1,6 проценти раст во првиот квартал од 2024 година, денес сме на 4,3 проценти. Уште поважно е што во сите десет последователни квартали во овој период економијата бележи позитивен раст, а во најголемиот дел од периодот стапките се движат околу и над 3 проценти. Тоа е суштината на овие податоци. Не зборуваме за раст во еден изолиран квартал, туку за континуитет на економскиот раст“, рече министерката за финансии.
Според неа, Македонија е петта во Европа по стапка на економски раст меѓу земјите за кои се објавени податоци. Растот истакна, е значително над просекот на ЕУ од 1,2 проценти и еврозоната од 1 процент, како и над растот во Србија, Бугарија и Хрватска.
Најголем раст во вториот квартал е забележан кај бруто-инвестициите од 16,5 проценти, извозот на стоки и услуги пораснал за 10,4 проценти, а градежништвото бележи раст од 21,9 проценти. Преработувачката индустрија, трговијата, транспортот и угостителството пораснале за 4,1 процент.
Од Социјалдемократскиот сојуз пак велат дека власта брутално ја задолжува државата, а зад задолжувањето нема економска стратегија, ниту политики што ќе донесат подобар животен стандард за граѓаните.
„Колку треба да биде очаен човек да каже дека расте бруто домашниот производ, а при тоа, секојдневно, брутално и сè повеќе ја задолжува земјата. Затоа што, ако економијата добро работи, тогаш ќе се задолжуваме со помалку пари и вкупниот долг ќе се намалува, а нема да се зголемува“, изјави лидерот на СДСМ, Венко Филипче.
Тој посочи дека со најавеното ново задолжување од 1,3 милијарди евра, вкупниот долг на земјата ќе достигне речиси 12 милијарди евра.
„Оваа власт едноставно ниту има капацитет, ниту стратегија, ниту план, ниту желба да направи нешто добро за граѓаните. Само брутално задолжување и проекти коишто не се инвестираат во капитални инвестиции, поради тоа што тоа ќе значи дека економијата добро работи и долгот ќе се намалува, туку само ќе трошат парите на партиски тендери“, изјави Филипче.
Димитриеска-Кочоска пак е уверена дека економскиот раст ќе продолжи и покрај неизвесностите во европската и глобалната економија.
Таа потенцираше дека инфлацијата се намалува – од 4,8 проценти во мај, на 3,4 проценти во јуни и 2,3 проценти во јули.
„Имаме забрзување на економскиот раст, а од друга страна намалување на инфлацијата и смирување на ценовните притисоци“, истакна министерката, додавајќи дека целта на Владата е растот да се преточи во повисок животен стандард, повеќе инвестиции и поконкурентна економија.


