Основното јавно обвинителство Скопје отвори истрага против две лица осомничени за проневера во службата во износ од 79.989.444 денари во АД „Државна Лотарија“ на Република Северна Македонија.
Според Обвинителството, првоосомничената, која била директорка на Секторот за финансии и сметководство, и второосомничената, шефица на финансиски работи, во текот на цела 2024 година заедно присвојувале пари што им биле доверени во службата, со намера да стекнат противправна имотна корист.
Како што се наведува во соопштението, двете осомничени биле овластени за подигнување готовински средства наменети за исплата на мали добивки, како и задолжени за прием и уплата на дневниот промет од продажните места на Државна Лотарија.
Наместо да го уплатат и депонираат дневниот промет на трансакциските сметки на друштвото во деловните банки, тие, според обвинителството, го присвоиле за себе. Дополнително, од банкарските сметки на Државна Лотарија подигале и други парични средства, кои исто така ги присвојувале.
Обвинителството поднесе предлог до судија на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје за на двете осомничени да им биде определен притвор.
Како причини за барањето притвор, обвинителството ги наведува опасноста од бегство и криење, фалсификување или уништување докази, можноста за влијание врз сведоци, вештаци, соучесници или прикривачи, како и опасноста од повторување на кривичното дело.


