Груби излегува од куќен притвор и нуди 335 илјади евра за пасошот

Објавено:

Поранешниот прв вицепремиер Артан Груби следната недела (на 13 октомври) излегува од куќен притвор и ќе се брани од слобода во предметот „Државна лотарија“, каде е еден од обвинетите.

На Груби му е одземен и пасошот, па бара и тој да му биде вратен за што нуди и гаранција во имот.

„Одбраната понуди недвижен имот во вредност од 335.707 евра како гаранција дека обвинетиот ќе биде достапен на органите на прогонот во текот на кривичната постапка“, велат од Основниот кривичен суд Скопје.

За ова, мислење ќе треба да даде и обвинителството, по што судот ќе донесе одлука дали ќе ја прифати гаранцијата и ќе му го врати пасошот.

Зошто Груби излегува од притвор?

Груби како еден од обвинетите за злоупотреби во Државна лотарија се гони за кривичното дело „злоупотреба на службената положба и овластувања“.

Злоупотреба на службената положба и овластувања се смета за „полесно“ кривично дело и за и за него се предвидува максимална казна од 5 години. Ова е „благодарение“ на контроверзните измени што беа направени во септември 2023 со кои беа намалени казните поради што застареа десетици кривични предмети. Во јануари 2026, тие беа заострени, но не беа вратени на старото ниво пред септември 2023-та.

За ова дело, како што беше посочено и од страна на судот на почетокот на судскиот процес, мерката куќен притвор може да трае најмногу 60 дена. Обвинителниот предлог за Државна лотарија беше поднесен на 13 август што значи дека следната недела истекуваат 60-те дена максимален рок.

Истрагата за злоупотребите во Државна лотарија беше отворена во декември 2024. Тогаш, Груби заедно со поранешниот директор на оваа државна компанија Перпарим Бајрами беа единствените осомничени и се гонеа за „потешко“ кривично дело – „проневера во служба“.

Меѓутоа, со поднесување на обвинението, делото се смени во „злоупотреба на службената положба и овластувања“, а објаснувањето кое го дадоа од Обвинителството за промената на кривичното дело беше дека истрагата довела до докази за друго дело.

Истрагата опфати и други лица, на со обвинението беа опфатени и други лица: поранешниот генерален секретар на Владата, Методија Димевски, како и лица во управните тела на Лотарија, Скендер Мехмети, Бојан Јанев, Фатмир Рамадановски, Александар Димитриоски и Башким Авдиу.

Инаку, Груби и Бајрами првично беа во бегство од декември 2024. Поранешниот вицепремиер реши да се предаде сам и тоа го направи во февруари 2026 кога се пријави на граничниот премин „Блаце“. На ист начин, на 9 септември се предаде и Бајрами.

За што се гонат обвинетите?

Обвинението во овој случај се однесува на тоа што била однесена одлука да се набават видеолотариски терминали и со нив да се приредуваат електронски игри на среќа. Меѓутоа, за такво нешто Државна лотарија немала право бидејќи во 2013 тоа право било вложено на Државна видеолотарија на Република Македонија-КАСИНОС АУСТРИА ДОО Скопје, за што се стекнала со удел во висина од 51% од основната главнина на друштвото.

Сепак, според обвинителниот предлог, Бајрами во улога на генерален директор и претседател на Управниот одбор, до генералниот секретар на Владата доставил информација дека е потребно купување на терминали за приредување електронски игри.

Генсекот на владата, пак, таквата информација ја доставил на разгледување на дневен ред на седница на Владата наместо да ја врати назад во државна Лотарија.

Груби, во својство на вицепремиер, претседавал со владината седница и за кој обвинителството наведува дека имал реално влијание во раководењето на Државна лотарија, предложи оваа точка да се усвои иако „бил свесен дека одлуката не е во надлежност на Владата“, тврди ОЈО Скопје.