Директор во Акционерското друштво „Државна лотарија“ на судско рочиште на 2 октомври за злоупотребите во оваа институција, сведочеше во полза на одбраната на поранешниот вицепремиер Артан Груби.
Како што јавија повеќе медиуми кои присуствувале на рочиштето, станува збор актуелен директор на Секторот за игри на среќа, Владо Петковски, кој беше на листата сведоци предложени од обвинителството. Тој првично бил осомничен, но потоа станал сведок. Но, на рочиштето во судница, според медиумските извештаи, дал различен исказ од тој во текот на истрагата кога сведочел против Груби.
Како што јави и државната агенција МИА, сведокот негирале дека има сознанија за причините поради кои била разрешена поранешната директорка на Државна лотарија и дали Перпарим Бајрами бил назначен на функцијата со цел да ги реализира проектите поврзани со самостојно приредување игри на среќа и формирање нови друштва.
На прашање дали му е познато дека Бајрами му кажувал оти без одобрение од Артан Груби не носи одлуки или дека за секоја одлука се консултирал со него, Петковски одговорил дека не знае. Тој негирал и оти присуствувал на средба меѓу Бајрами и Груби на бензинска станица во Карпош во текот на 2024 година.
За одбраната на Груби, како што оцени и адвокатот Гоце Ристевски во изјава за медиумите, сведочењето оди во прилог на одбраната.
Обвинителството, пак, практично го прогласи за „непријателски сведок“, оценувајќи дека поради дадените одговори повеќе не може да се смета за сведок на странката што го предложила, во случајот самото обвинителство.
Од прв вицепремиер до бегалец и обвинет за кој затворската ќелија не беше доволно безбедна
Истрагата за овој предмет беше отворена во декември 2024 година кога и Груби и поранешниот директор на Државна лотарија, Перпарим Бајрами, се дадоа во бегство.
Поранешниот прв вицепремиер беше недостапен 14 месеци и се врати во земјава во февруари годинава предавајќи се сам на граничниот премин „Блаце“. Заврши во куќен притвор, а не во ефективен бидејќи надлежните проценија дека ќелиите во затворот во Шуто Оризари не се доволно безбедни за него. На почетокот на септември, на ист начин се врати и Бајрами.
Првично со истрагата беа опфатени само тие двајца. Тогаш обвинителството соопшти дека тие се сомничат за кривично дело „проневера во служба“.
Меѓутоа, со поднесување на обвинението, делото се смени во „злоупотреба на службената положба и овластувања“, а со обвинението беа опфатени вкупно осум лица. Покрај Груби и Бајрами, на листата се најдоа и поранешниот генерален секретар на Владата, Методија Димовски, како и петмина членови на Надзорниот одбор на Државна лотарија.
„Проневера во служба“ се смета за потешко дело од „злоупотреба на службената положба и овластувања“ со оглед дека запретената затворска казна е од најмалку четири години.
Злоупотреба на службената положба и овластувања, пак, е полесно и за него се предвидува максимална казна од 5 години. Ова е „благодарение“ на контроверзните измени што беа направени во септември 2023 со кои беа намалени казните поради што застареа десетици кривични предмети.
Објаснувањето кое го дадоа од ОЈО за промената на кривичното дело е дека истрагата довела до докази за друго дело.
Што содржи обвинението?
Обвинението се однесува на тоа што била однесена одлука да се набават видеолотариски терминали и со нив да се приредуваат електронски игри на среќа. Меѓутоа, за такво нешто Државна лотарија немала право бидејќи во 2013 тоа право било вложено на Државна видеолотарија на Република Македонија-КАСИНОС АУСТРИА ДОО Скопје, за што се стекнала со удел во висина од 51% од основната главнина на друштвото.
Сепак, според обвинителниот предлог, Бајрами во улога на генерален директор и претседател на Управниот одбор, до генералниот секретар на Владата доставил информација дека е потребно купување на терминали за приредување електронски игри.
Генсекот на владата, пак, таквата информација ја доставил на разгледување на дневен ред на седница на Владата наместо да ја врати назад во државна Лотарија.
Груби, во својство на вицепремиер, претседавал со владината седница и за кој обвинителството наведува дека имал реално влијание во раководењето на Државна лотарија, предложи оваа точка да се усвои иако „бил свесен дека одлуката не е во надлежност на Владата“, тврди ОЈО Скопје.
Владата ја донела предложената одлука, па Државна лотарија добила зелено светло да купи видеолотариски терминали и да започне со самостојно приредување игри на среќа.


