Груби спроведен во суд за Државна лотарија, но судењето веднаш се одложи

Објавено:

Со полициско комбе, утрото на 24 август, во Основниот кривичен суд Скопје, беше спроведен поранешниот вицепремиер Артан Груби од ДУИ, на неговото првото рочиште како обвинет во предметот поврзан со Државна лотарија во кој проценетата штета на буџетот е 8,2 милиони евра.

Меѓутоа, само што започна судењето, судијката Билјана Шуплиновска-Јовевски ги прочита основните податоци за обвинетите, и рочиштето се одложи на барање на еден од адвокатите на обвинетите за да изврши увид во предметот и да подготви одбрана.

Заедно, со Груби во предметот се вкупно осум обвинети. Првообвинет е поранешниот генерален директор на Државна лотарија, Перпарим Бајрами, кој е во бегство и му се суди во отсуство.

Сите останати се достапни и денеска се појавија во судницата. Меѓу нив се, поранешниот генерален секретар на Владата, Методија Димовски, како и петмина членови на Надзорниот одбор на Државна лотарија.

За секој од нив, обвинителите Даниел Коцев и Александар Давчевски во судница донесоа по една бела картонска кутија полна со докази собрани во истрагата.

Обвинителство има вкупно 231 материјален доказ (документи), како и седуммина сведоци. Копија од нив беше сместена во осумте картонски кутии од кои по една на излегување од судница си зедоа обвинетите, односно адвокатите.

Обвинението за овој предмет беше поднесено на 13 август. Станува збор за обвинителен предлог и судењето ќе се води по скратена постапка.

Сите осуммина обвинети се гонат за злоупотреба на службената положба и овластувања.

Се набавувале видеолотариски терминали иако Државна лотарија не требало да приредува електронски игри на среќа

Обвинението се однесува на тоа што била однесена одлука да се набават видеолотариски терминали и со нив да се приредуваат електронски игри на среќа. Меѓутоа, за такво нешто Државна лотарија немала право бидејќи во 2013 тоа право било вложено на Државна видеолотарија на Република Македонија-КАСИНОС АУСТРИА ДОО Скопје, за што се стекнала со удел во висина од 51% од основната главнина на друштвото.

Сепак, според обвинителниот предлог, Бајрами во улога на генерален директор и претседател на Управниот одбор, до генералниот секретар на Владата доставил информација дека е потребно купување на терминали за приредување електронски игри.

Генсекот на владата, пак, таквата информација ја доставил на разгледување на дневен ред на седница на Владата наместо да ја врати назад во државна Лотарија.

Груби, во својство на вицепремиер, претседавал со владината седница и за кој обвинителството наведува дека имал реално влијание во раководењето на Државна лотарија, предложи оваа точка да се усвои иако „бил свесен дека одлуката не е во надлежност на Владата“, тврди ОЈО Скопје.

Владата ја донела предложената одлука, па Државна лотарија добила зелено светло да купи видеолотариски терминали и да започне со самостојно приредување игри на среќа.

Бегството на Груби и промена на кривичното дело

Истрагата за проневерите во државна лотарија започна во декември 2024 година. Тогаш покрај Бајрами, во бегство се впушти и Груби кој преку социјалните мрежи негираше велејќи дека е во „приватна посета“ на Косово. Поранешниот вицепремиер беше недостапен 14 месеци и се врати во земјава во февруари годинава. Заврши во куќен притвор, а не во ефективен бидејќи надлежните проценија дека ќелиите во затворот во Шуто Оризари не се доволно безбедни за него.

Првично со истрагата беа опфатени само две лица – Груби и Бајрами. Тогаш обвинителството соопшти дека тие се сомничат за кривично дело „проневера во служба“.

Меѓутоа, со поднесување на обвинението, делото се смени во „злоупотреба на службената положба и овластувања“, за кое се товарат и останатите обвинети кон кои се прошири истрагата.

Проневера во служба е „потешко дело“ со оглед дека запретената затворска казна е од најмалку четири години.

Злоупотреба на службената положба и овластувања, пак, е полесно и за него се предвидува максимална казна од 5 години. Ова е „благодарение“ на контроверзните измени што беа направени во септември 2023 со кои беа намалени казните поради што застареа десетици кривични предмети.

Објаснувањето кое го дадоа од ОЈО за промената на кривичното дело е дека истрагата довела до докази за друго дело.

Построги казни за злоупотреба на службената положба и овластувања од тие што беа воведени со измените од септември 2023, беа воведени со нови измени во јануари 2026. Меѓутоа, на обвинетите во Државна лотарија ќе им се суди по „поблагата“ варијанта бидејќи така налагаат правилата – да важи поповолниот закон за обвинетиот со оглед дека тој бил на сила кога е сторено делото.