Артан Груби седнува на обвинителна клупа

Објавено:

Поранешниот прв вицепремиер од редовите на ДУИ, Артан Груби, треба да седне на обвинителна клупа во Основниот кривичен суд Скопје каде за денеска (24 август) е закажано првото судско рочиште за предметот поврзан со Државна лотарија.

Груби е еден од осумте обвинети за злоупотреба на службената положба и овластувања кои се гонат за оштетување на буџетот на Државна лотарија за околу 8,2 милиони евра.

Судењето стартува откако на 13 август Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје поднесе обвинителен предлог што беше прифатен од судот.

Матичната партија на Груби, ДУИ реагираше дека ова е „апсурдно политичко обвинение за колективна одлука“ и побара меѓународен надзор над овој случај.

Кои се обвинетите?

Првообвинет во случајот е поранешниот генерален директор на Државна лотарија, Перпарим Бајрами, кој е во бегство и ќе му се суди во отсуство.

Во бегство околу 14 месеци беше и Груби, кој е второобвинет. Откако беше покрената истрагата, тој самиот се огласи на социјалните мрежи наведувајќи дека е во „приватна посета“ на Косово, а не во бегство. По повеќе од една година, самиот се појави на граничниот премин „Блаце“ во февруари 2026 од каде заврши во домашен притвор бидејќи надлежните проценија дека ќелиите во затворот во Шуто Оризари не се доволно безбедни за него.

Меѓу обвинетите е и поранешниот генерален секретар на Владата на СДСМ и ДУИ, Методија Димовски, додека останатите петмина биле дел од Надзорниот одбор на Државна лотарија.

За што се гонат?

Обвинението се однесува на тоа што била донесена одлука да се набават видеолотариски терминали и со нив да се приредуваат електронски игри на среќа. Меѓутоа, за такво нешто Државна лотарија немала право, бидејќи во 2013 тоа право било вложено на Државна видеолотарија на Република Македонија-КАСИНОС АУСТРИА ДОО Скопје, за што се стекнала со удел во висина од 51% од основната главнина на друштвото.

Сепак, според обвинителниот предлог, Бајрами во улога на генерален директор и претседател на Управниот одбор, до генералниот секретар на Владата доставил информација дека е потребно купување на терминали за приредување електронски игри.

Генсекот на владата, пак, таквата информација ја доставил да се разгледува на дневен ред на седница на Владата наместо да ја врати назад во државна Лотарија.

Груби, во својство на вицепремиер, претседавал со владината седница и за кој обвинителството наведува дека имал реално влијание во раководењето на Државна лотарија, предложи оваа точка да се усвои иако „бил свесен дека одлуката не е во надлежност на Владата“, тврди ОЈО Скопје.

Владата ја донела предложената одлука, па Државна лотарија добила зелено светло да купи видеолотариски терминали и да започне со самостојно приредување игри на среќа.

„Поблаго“ дело

Истрагата за проневерите во државна лотарија започна во декември 2024 година. Првично со беа опфатени само две лица – Груби и Бајрами. Тогаш обвинителството соопшти дека тие се сомничат за кривично дело „проневера во служба“.

Меѓутоа, со поднесување на обвинението, делото се смени во „злоупотреба на службената положба и овластувања“, за кое се товарат и останатите обвинети кон кои се прошири истрагата.

Проневера во служба е „потешко дело“ со оглед дека запретената затворска казна е од најмалку четири години.

Злоупотреба на службената положба и овластувања, пак, е полесно и за него се предвидува максимална казна од 5 години. Ова е „благодарение“ на контроверзните измени што беа направени во септември 2023 со кои беа намалени казните поради што застареа десетици кривични предмети.

Објаснувањето кое го дадоа од ОЈО за промената на кривичното дело е дека истрагата довела до докази за друго дело.

Построги казни за злоупотреба на службената положба и овластувања од тие што беа воведени со измените од септември 2023, беа воведени со нови измени во јануари 2026. Меѓутоа, на обвинетите во Државна лотарија ќе им се суди по „поблагата“ варијанта бидејќи така налагаат правилата – да важи поповолниот закон за обвинетиот со оглед дека тој бил во сила кога е сторено делото.