Обвинение за Артан Груби за злоупотреби во „Државна лотарија“, ќе остане во куќен притвор

Објавено:

Основното јавно обвинителство(ОЈО) Скопје поднесе обвинение против вкупно осум лица како соизвршители во кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.

Меѓу нив се поранешниот вицепремиер Артан Груби кој е во куќен притвор, Перпарим Бајрами, поранешен директор на „Државна Лотарија“, кој повеќе од една година е во бегство, тогашниот генерален секретар на владата, претседател и членови на Надзорниот одбор на „Државна Лотарија“.

Обвинителството предложи на Груби да му се продолжи претходно определената мерка куќен притвор, која му е определена заедно со мерката на претпазливост – привремено одземање на патна исправа и забрана за издавање на патна или друга исправа за преминување на државната граница.

И за Бајрами, доколку биде пронајден, Обвинителството бара притвор од 30 дена. За останатите обвинети се предложени мерки на претпазливост – обврска да се јавуваат повремено во Судот, привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница, како и забрана за приближување или воспоставување, односно одржување контакти или врски со определени лица.

Според Обвинителството, обвинетите во текот на 2023 и 2024 заеднички презеле дејствија со кои ги пречекориле границите на своите посебни овластувања и должности, со намера да му нанесат штета на оштетеното правно лице Акционерско друштво за приредување игри на среќа Државна лотарија на Република Северна Македонија во значителна вредност од над 8,2 милиони евра.

„Тие биле свесни дека Акционерското друштво за приредување игри на среќа Државна лотарија на Република Северна Македонија немало право да приредува електронски игри на среќа на видеолотариски терминали на територијата на државава, бидејќи во 2013 година го вложило тоа право како непаричен влог со вредност од 6.244.898 евра при основањето на Друштво за приредување игри на среќа Државна видеолотарија на Република Македонија-КАСИНОС АУСТРИА ДОО Скопје, за што се стекнало со удел во висина од 51% од основната главнина на друштвото. И покрај тоа, првиот обвинет генерален директор и претседател на Управниот одбор на “Државна лотарија” на 09.05.2023 година, до третиот обвинет – генерален секретар на Владата на РСМ, доставил Информација за потребата од преземање активности за самостојно приредување на електронските игри на среќа. Во информацијата со предлог заклучоци навел дека вредноста на набавката изнесува 42% од сметководствената вредност на имотот на друштвото, определена врз основа на последните финансиски извештаи на друштвото и како таква ќе претставува голема зделка, а нејзиното одобрување е во надлежност на надзорниот одбор на друштвото“, соопшти Обвинителството.

Генералниот секретар на 6.6.2023 година ја предложил оваа информација како дополнување на точка на дневен ред на владина седница, со што постапил спротивно на чл.119 ст.2 од Деловникот за работа на Влада и не ја вратил информацијата до подносителот односно не ја препратил до надлежниот орган.

Вториот обвинет, кој имал реално влијание во раководењето со АД Државна лотарија, во својство на одговорно лице, претседавал со седница на Владата во својство на собрание на Државната лотарија и предложил вака дополнетата точка на дневен ред да се усвои, иако бил свесен дека одлуката не е во надлежност на Владата како Собрание на Акционерското друштво.

Груби е во домашен притвор од март годинава затоа што надлежните проценија дека ќелиите во затворот во Шуто Оризари не се доволно безбедни за него.

„По проценка на надлежните органи – МВР и АНБ – постојат сериозни информации дека во притворското одделение не може да се гарантира личната безбедност на овој осомничен. Деталите во однос на ваквите загрозувања беа презентирани пред судијата на претходна постапка“, беше наведено во соопштението на Обвинителството.

Полицијата го уапси Артан Груби на 23 февруари, на граничниот премин Блаце, откако беше во бегство повеќе од една година. Пред да избега, тој на Фејсбук напиша дека не е во бегство, дека се наоѓа во приватна посета во Косово и дека ќе се врати дома, но ден по објавата полицијата вршеше претрес на две негови локации и не го пронајде дома.

Груби е член на опозициската Демократска унија за интеграција (ДУИ), поранешен пратеник и вицепремиер во претходната влада на СДСМ и ДУИ.

Од ДУИ оценија дека ова е „апсурдно политичко обвинение за колективна одлука“ и побара меѓународен надзор над овој случај.