Во петок истекува 30 дневниот домашен притвор за поранешниот вицепремиер Артан Груби, осомничен за злоупотреба на службена положба во рамки на истрагата за Државна лотарија. До сега од Обвинителството не е пристигнато барање за продолжување на притворот, велат од Кривичниот суд во Скопје за Kолегиум.мк.
Груби помина два месеци во домашен притвор затоа што надлежните проценија дека ќелиите во затворот во Шуто Оризари не се доволно безбедни за него.
„По проценка на надлежните органи – МВР и АНБ – постојат сериозни информации дека во притворското одделение не може да се гарантира личната безбедност на овој осомничен. Деталите во однос на ваквите загрозувања беа презентирани пред судијата на претходна постапка“, беше наведено во соопштението на Обвинителството по реакциите од јавноста.
Според Обвинителство, за осомничениот кој по 14 месечна „приватна посета“ во Косово беше уапсен на граничниот премин Блаце во февруари годинава, доволно е одземање на пасош и куќен притвор. Неговото бегство беше пречка да почне судски процес за истрагата која пред неколку месеци беше завршена.
Груби е второосомничен со уште пет лица за проневера во Државна лотарија за набавка на ВЛТ апарати од над осум милиони евра. Првоoсомничениот во предметот за набавка на милионски вредни апарати за коцкање, ексдиректорот на Државна лотарија, Перпарим Бајрами, се уште е во бегство.
Двојни стандарди за функционерите
Но, додека се чека одлука за тоа дали Груби ќе остане дома уште еден месец, тема повторно е најавената екстрадиција на поранешниот премиер Никола Груевски од Унгарија по смената на власта во земјата која му даде политички азил.
Груевски кога побегна од земјава, а во едно до ретките интервјуа што ги даде потоа изјави дека избегал затоа што стравувал за својата безбедност. Тој избега во ноември 2018 непосредно пред датумот кога требаше да влезе во затвор за извршување на двегодишната затворска казна во случајот „Тенк“ за незаконската набавка на блиндираниот мерцедес, која во 2024 застаре. Во моментов, за него има две активни правосилни пресуди. Едната е деветгодишна казна во „Плацевите на Водно“ којашто застарува во февруари 2043, и втора во предметот „Насилство во Центар“ каде е осуден на една и пол години којашто застарува во септември 2027 година.
Од високите македонски политичари, и поранешниот премиер Владо Бучковски не го виде затворот од другата страна на решетките, иако беше осуден за злоупотреба на службена должност при набавка на „тенковски делови“ додека беше министер за одбрана. По неколку укинати и повторени пресуди, делото застаре и Бучовски не стапна во казнено- поправната институција „Идризово“.
За разлика од нив, поранешниот судија во Врховниот суд, Наќе Георгиев, кој беше осуден за примање мито, одлежа две години во затвор. Тој летово ќе излезе порано од затвор откако Апелација му го уважи барањето за условно пуштање од затвор. Причината за оваа одлука Апелацискиот суд ја посочува во примерното однесување на 63-годишниот судија и неговото нарушено здравје.
Георгиев се спогоди со Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, откако беше фатен на дело при примање мито од 10.000 евра од синот на поранешниот градоначалник на Ново Село, Боро Стојчев. Со спогодбата тој доби тригодишна затворска казна и забрана за вршење на службена должност во траење од три години.
Георгиев не е единствениот судија кој носел одлуки за затворски казни за криминалци и лежел в затвор одлежал како нив. Токму тоа индиректно ја урива тезата на дел од политичарите дека затворите се небезбедни, вели Александар Тумановски, адвокат кој се занимава со кривично право.
„Ако затворите се доволно безбедни за судии и обвинители, луѓе кои директно учествувале во испраќањето на други граѓани зад решетки тогаш тешко е да се прифати аргументот дека не се безбедни за политичари, кои, за разлика од нив, немаат директен контакт со затвореничката популација. Оттука, не станува збор за безбедност, туку за двојни стандарди и селективна примена на принципите. Кога правото функционира различно во зависност од тоа кој го користи, тогаш проблемот не е во законот, туку во системот што го спроведува“, вели Тумановски.
Зад решетки помина речиси пет наместо седум години поранешната специјална обвинителка Катица Јанева која водеше обвинителство што отвори речиси 20 предмети против поранешни министри. Дел од нив беа во соседните машки ќелии во Идризово додека таа ја одлежуваше казната. Сосетка во затворот ѝ беше поранешната министерска за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, која беше осудена за истиот предмет како и Груевски, „Тенк“ но за разлика од него, таа ја издржа затворската казна.
Меѓу функционерите кои поминаа извесно време во притвор односно затвор беа и поранешните министери за транспорт и врски и за труд и социјална политика, Миле Јанакиески и Спиро Ристовски и поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељановски.
Во затвор стапнаа и судиите Иле Танев и Валентин Зафиров, како и обвинителот Ивица Ефремов и новинарот Томислав Кежаровски по пресудата во предметот „Ликвидација“, каде што по неколку од казните, Врховниот суд им ги укина пресудите.
Во 2004 година, струмичкиот судија Аксел Сулејманов беше осуден за поткуп на затворска казна од една година. Со затворска казна помина и поранешниот претседател на кочанскиот суд, Зоран Трајанов, кој доби осум месеци затвор за злоупотреба на службената положба.


