Премиерот Христијан Мицкоски вчера вечер се сретнал со македонската дијаспора во Виена при што ги повикал нашинците да размислат да се вратат, да инвестираат во Македонија и активно да се вклучат во развојот на државата.
Мицкоски од вчера е во официјална посета на Австрија.
„Како Влада, работиме посветено да создадеме стабилна и предвидлива бизнис – клима, која ќе ги охрабри таквите чекори. Овие средби се важни затоа што градат заедништво и доверба. Убеден сум дека само заедно, со поддршка од дијаспората и со силни меѓународни партнерства, можеме да ја движиме државата напред“, објави Мицкоски.
Македонија сака да го активира економскиот потенцијал на бројната дијаспора преку нова Национална стратегија за ссоработка со дијаспората 2025 – 2030.
Стратегијата, за период од пет години, треба да ги зголеми врските и довербата со македонските иселеници и да го засили нивното чувство за припадност кон татковината преку пет клучни области: конзуларни и социјални услуги, економија, соработка во култура и туризам, образование, зачувување на мајчиниот јазик, спорт и спортска дипломатија, инвестиции и надворешна трговија.
Во странство живее секој трет граѓанин на земјава, или околу 700.000 луѓе, според извештај на Меѓународниот центар за миграциски политики од 2022 година. Македонската дијаспора главно е во земјите од ЕУ, најмногу во Германија, Швајцарија и Италија. Надвор од ЕУ, најголемите македонски заедници се наоѓаат во Австралија, во САД и во Канада.
Национална стратегија за дијаспора првпат направи претходната влада на СДСМ и ДУИ и го опфаќаше периодот 2019-2023 година.
Во сегашната стратегија на Министерството за надворешни работи пишува дека дека тоа бил квалитетен документ, но со минимална имплементација на активностите што е „поразителен податок, бидејќи документот развил големи очекувања кај крајните рецепиенти, а четири години останале само во исчекување на активности кои никогаш во пракса не биле спроведени“.


