Гроси: Ниту еден договор меѓу Иран и САД нема да успее без МААЕ

Објавено:

Генералниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), Рафаел Гроси, рече дека секој потенцијален договор потпишан од Иран и САД нема да биде успешен без вклучување на нуклеарниот надзорник на ОН.

„Без верификација, секој договор не е договор, туку илузија за договор или ветување за кое не знаете дали ќе се одржи“, рече Гроси во интервју за британскиот весник „Телеграф“, пренесува Радио Слободна Европа.

Наведувајќи дека МААЕ ги познава нуклеарните капацитети на Иран „многу добро“, тој додаде: „Ние сме единствените што можат да гарантираат апсолутна непристрасност во нашата работа“.

Во врска со евентуалниот договор меѓу САД и Иран, Гроси рече дека тој би можел да вклучува „разредување на дел од збогатениот ураниум на Иран и испраќање на остатокот во трета земја“.

Тој, исто така, ја опиша секоја потенцијална операција на САД за влез во Иран и собирање на преостанатиот ураниум како многу сложена.

„Не се сомневам ниту за момент дека САД имаат воени капацитети да го сторат ова, но само велам дека тоа е многу деликатна работа за управување, совладување, маневрирање“, рече тој.

Американскиот претседател Доналд Трамп неодамна зборуваше за отстранувањето на „нуклеарната прашина“ од Иран од страна на американските сили, велејќи дека таква операција би можела да се спроведе во соработка со иранската влада.