Цените на нафтата скокнаа за повеќе од 5% во понеделничкото тргување поради стравувања дека кревкиот прекин на огнот меѓу САД и Иран може да се распадне, откако САД запленија ирански товарен брод, а сообраќајот низ Ормутскиот теснец остана во голема мера запрен.
Суровата нафта од Северното Море „Брент“ достигна цена од 95,46 долари за барел, додека американската нафта „Вест Тексас Интермедијт“ поскапе за 5,04 долари, на 88,89 долари за барел.
Во меѓувреме истражувачите од „Сити“ на 20 април соопштија дека глобалните залихи на сурова нафта и производи би можеле да се намалат за околу 900 милиони барели, дури и ако САД и Иран се согласат на продолжување на прекинот на огнот оваа недела, а и протокот на нафта во Ормутскиот теснец и производството се вратат на нормални нивоа до крајот на јуни, јавува новинската агенција Ројтерс.
Во соопштението е наведено дека во пресметката е вметнато и досегашното намалувањето од 500 милиони барели, како и дополнителните 400 милиони барели кои ќе се намалат поради доцнења во зголемувањето на производството, логистички тесни грла и штети поврзани со конфликтот.
Доколку прекините во транспортот низ Ормускиот теснец продолжат уште еден месец на приближно сегашните нивоа, вкупните загуби на залихи би можеле да се зголемат на околу 1,3 милијарди барели, соопшти Сити.
Но доколку, настане двомесечното продолжување на тензијата и прекин во транспортот, загубите би можеле да се зголемат на околу 1,7 милијарди барели, туркајќи ги залихите на нивните најниски нивоа досега, утврдени врз основа на податоци од околу 25 години. Истражувачите на Сити проценуваат дека во такво сценарио е можно цената за барел нафта да достигне 130 долари во следниот квартал.
Светска фирма за инвестициски истражувања фокусирана на енергија и стоки, „HFI Research“,соопшти дека верува оти пазарот на нафта достигнал „критична точка“ по два месеци од војната со Иран и дека прекините во снабдувањето ќе бидат долготрајни.
Дури и ако САД и Иран постигнат договор оваа недела, пазарот ќе се соочи со сериозен недостиг и евентуално уништување на побарувачката, во голема мера благодарение на штетата што веќе е нанесена на капацитетот за рафинирање, соопшти компанијата во неделата.
„Ако Ормутскиот теснец остане затворен по април, никој нема да може да ви каже каде ќе достигнат максимум цените на нафтата. Ќе отидовме предалеку во Рубикон“, се вели во соопштението на фирмата.


