Претседателот на иранскиот парламент, Мохамед Бакер Калибаф, кој е и главен преговарач на Иран, рече дека Иран е „подготвен да открие нови карти“ во војната со САД и Израел.
„Американскиот претседател Доналд Трамп, со воведување опсада и кршење на прекинот на огнот, се обидува да ја претвори оваа преговарачка маса – во својата имагинација – во маса за предавање или да оправда ново поттикнување на војна“, напиша Калибауф на платформата X доцна на 20 април.
„Ние нема да прифатиме преговори под сенка на закани, а во изминатите две недели се подготвувавме да откриеме нови карти на бојното поле“, додаде тој.
Американскиот претседател Доналд Трамп пак изјави дека Соединетите Држави преговараат за „далеку подобар“ договор со Иран од Заедничкиот сеопфатен план за акција (JCPOA) од 2015 година, меѓународниот договор за нуклеарната програма на Иран, од кој САД се повлекоа за време на неговиот прв мандат како претседател.
Во серија објави на социјалната мрежа „Truth Social“ на 20 април, во кои остро ја критикуваше Демократската партија на САД, поранешните претседатели Барак Обама и Џо Бајден, како и одредени американски медиуми, Трамп рече дека не чувствува притисок да постигне договор со Иран, но изјави дека очекува релативно брзо да се постигне договор.
„ДОГОВОРОТ ШТО го склучуваме со Иран ќе биде ДАЛЕКУ ПОДОБАР од JCPOA“, напиша Трамп, тврдејќи, без да образложи, дека претходниот договор бил „гарантиран пат до нуклеарно оружје“ за Иран. Во 2018 година, Трамп ги повлече САД од JCPOA, кој ги ограничуваше нуклеарните активности на Иран во замена за ублажување на економските санкции.
„Доколку има договор под ‘ТРАМП’, тој ќе гарантира мир, безбедност и сигурност не само за Израел и Блискиот Исток, туку и за Европа, Америка и остатокот од светот“, додаде американскиот претседател.
Трамп, исто така, изјави дека не е под никаков притисок да постигне нов договор со Иран, но повтори дека, според него, „тоа ќе се случи доста брзо“.
Во своите објави, тој ги повтори претходните тврдења дека САД имаат предност во војната со Иран, која започна со воздушни напади на САД и Израел на 28 февруари.
Прекинот на огнот е на сила до 22 април, додека продолжуваат напорите за организирање на втора рунда директни разговори меѓу САД и Иран во Исламабад, откако состанокот на 11 и 12 април заврши без договор.
Трамп повтори дека американската поморска блокада на иранските пристаништа ќе остане на сила „додека не се постигне договор“.


