Инфлацијата ја изеде велигденската трпеза

Објавено:

Велигденската трпеза годинава ќе биде поскромна, бидејќи цените „пораснаа повеќе отколку што ни е долга чергата“. Вака за Колегиум.мк одговорија повеќето граѓани кои ги прашавме како ќе изгледа нивниот велигденски ручек.

„Ќе ги пуштиме нозете колку што ни е долга чергата“, вели скопјанецот Благој Шекеров.

„Ќе намалиме со сѐ што ќе има на маса, бидејќи се е скапо. Јагнешко, никако, може само парче мало да пробаме “, вели Благоја Арсовски.

Сепак вообичаените гужви на пазарите и продавниците не се исклучок ниту пред претстојниот празник.

За Марија Дуковска растот на цените пред празници не е изненадување, оти како што вели, трговците вообичаено ги зголемуваат цените токму на производите кои најмногу се трошат за конкретниот празник.

„Вообичаено, една недела или две пред Велигден цените нагло растат. И сега ќе има драстични скокови, а тоа морам да признаам дека негативно ќе се одрази на нашата велигденска трпеза, која секако дека ќе биде скромна“, вели Дуковска.

Растат цените, расте и инфлацијата

Во март годинава, инфлацијата во Северна Македонија се зголемила на 4,9% на годишно ниво споредено со исто време лани. Според последните податоци на Државниот завод за статистика, ова е значително повисоко од 2,9% што беше измерено во февруари годинава.

Годишната стапка од 4,9% е највисока во последните 13 месеци. Тоа значи дека за една година просечниот домаќин има платено речиси 5 отсто повеќе за истите производи и услуги отколку претходната година.

На месечно ниво, трошоците на живот во март пораснале за 0,7% во однос на февруари годинава. Податоците покажуваат дека трошоците за храна и безалкохолни пијалаци пораснале за 7,5 проценти, додека цените на мало се зголемени за 3,4 отсто.

Според проценките на Народната банка инфлацијата се очекува за целата 2026 да биде околу3,2%, што е малку повисоко од претходните проекции.

market supermarket prodavnica foto vitaly-gariev-unsplash
Фото: vitaly gariev / unsplash

Зголемената инфлација директно удира врз џебот на граѓаните

Најголемиот  удар од инфлацијата домаќинствата го чувствуваат кај основните трошоци, односно кај храната и безалкохолни пијалаци. Забележителен раст има кај цените на овошјето, млекото, јајцата и житните производи, но и кај транспортот.

Според пресметките за март, само ставката храна и пијалаци во синдикалната минимална кошница изнесува 25.292 денари. Со секое ново поскапување, сè потешко е не само да се постави празнична трпеза, туку и да се покрие секојдневната, велат граѓаните.

Синдикатите веќе укажуваат дека растот на цените „не го следи стандардот“ на граѓаните, особено бидејќи основните намирници поскапуваат побрзо од просекот.

„Трошоците за живот се зголемуваат со забрзано темпо за разлика од платите, односно платите ја губат трката и поради тоа Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) од почетокот на годината протестираше заедно со работниците“, предупреди деновиве претседателот на ССМ Слободан Трендафилов.

Институтот за економски истражувања и политики „Фајнанс Тинк“ смета дека иако нафтениот шок веќе е јасно видлив кај цените на горивата и кај транспортните цени, засега нема докази дека се прелеал во поширока, системска инфлација.

„Ако годишната стапка од 4.9% се земе како аларм, тој ќе е погрешен бидејќи произлегува од ниската споредбена основа создадена со административното замрзнување на цените во истиот период лани. Сепак, тековниот месечен раст не е занемарлив и, доколку се задржи, може брзо да се претвори во поширок инфлаторен притисок преку секундарни ефекти, првенствено кај производите од храна, а потоа и врз пошироката потрошувачка кошница“, соопштија од „Фајнанс Тинк“.

Но, ако цените на енергијата останат високи и растечки, оттаму предупредуваат дека ризикот од поширок инфлаторен бран преку транспортните трошоци и очекувањата на економските агенти значително ќе се зголемува, па затоа укажуваат на потребата од стриктно таргетирани мерки за ублажување на последиците кај најпогодените групи граѓани и фирми.

Според проценките на „Фајнанс тинк“, доколку конфликтот продолжи или ескалира, ефектите на поширока основа би почнале да се чувствуваат веќе во април, а позначаен интензитет би добиле од јуни годинава.