Трамп еднострано го продолжи примирјето со Иран, блокадата останува

Објавено:

Американскиот претседател Доналд Трамп на неодредено време го продолжи примирјето со Иран непосредно пред неговото истекување, а истовремено ја задржа и поморската блокада на Ормускиот теснец, откако пропаднаа планираните мировни разговори меѓу двете страни.

Засега нема реакција од Иран и Израел дали ќе го прифатат продолжувањето.

Во објава на неговата социјална мрежа, Трамп напиша дека на барање на посредникот Пакистан се согласил да го одложи нападот врз Иран сè додека неговите лидери и претставници не излезат со унифициран предлог и не завршат разговорите.

Пакистан најавуваше дека денеска ќе се одржи втората рунда разговори помеѓу САД и Иран, но Техеран не потврди дека ќе испрати претставници, па и американската делегација остана во Вашингтон.

Само неколку часа претходно, во интервју за американската телевизија Си-Ен-Би-Си, Трамп изјави дека нема намера да го продолжи примирјето. Тој дури предупреди дека, доколку не дојде до брз договор со Техеран, Соединетите Американски Држави ќе ги продолжат воените напади.

„Очекувам повторно да бомбардираме, затоа што тоа ни дава подобра преговарачка позиција. Војската е подготвена“, изјави Трамп, додавајќи дека за САД ќе биде склучен „одличен договор“ и дека Иран „нема избор“.

Американската преговарачка делегација, предводена од потпретседателот Џеј Ди Венс, сè уште не отпатува за Исламабад, Пакистан, каде што требаше да се одржат разговорите. Причината е што Иран досега не потврдил подготвеност за учество.

Сепак, Техеран покажува дека има избор – меѓу тоа и да не се појави на нови разговори или да ги одложи.

Нападот на САД и Израел врз Иран, кој започна на 28 февруари, предизвика најлошиот шок на цената на нафтата во историјата и доведе до намалување на прогнозата на Меѓународниот монетарен фонд за глобалната економија и предупредување дека продолжениот конфликт може да го доведе светот до работ на рецесија.