Трамп нема намера да го продолжи примирјето со Иран

Објавено:

Претседателот на Соединетите Држави, Доналд Трамп, изјави дека нема планови да го продолжи двонеделното примирје со Иран.

„Може да заврши на кој било начин, но мислам дека е подобро да се постигне договор бидејќи тогаш тие можат да се обноват“, изјави Трамп за ABC News, доцна на 14 април.

На 7 април, двете страни постигнаа договор за прекин на непријателствата за да се овозможи мировни преговори, кои се одржаа минатиот викенд во Исламабад.

Разговорите одржани на 11 и 12 април не успеаја да доведат до договор за прекин на војната, која започна со воздушни напади на САД и Израел врз Иран на 28 февруари.

Порано на 14 април, Трамп навести дека нова рунда разговори со Иран би можела да продолжи за еден или два дена.

Во меѓувреме, Иран тајно се стекнал кинески шпионски сателит, што му дава нови можности за следење и потенцијално таргетирање на американските воени бази низ Блискиот Исток, објави „Фајненшл тајмс“.

Врз основа на протечени ирански воени документи, весникот наведува дека Корпусот на Исламската револуционерна гарда го стекнал сателитот TEE-01B во 2024 година и го користел за следење на базите во Саудиска Арабија, Јордан, Бахреин, Ирак и други земји, а снимките биле направени за време на напади со ракети и беспилотни летала.

Капацитетите со висока резолуција на сателитот претставуваат значително подобрување во однос на домашните системи на Иран.

Аналитичарите посочуваат дека пристапот до кинеските контролни станици му овозможува на Иран да го користи сателитот глобално, што го отежнува обидот за негово блокирање или онеспособување.

Агенцијата Ројтерс соопшти дека не може независно да го потврди извештајот, додека официјалните лица во Вашингтон и Пекинг одбија да ги коментираат обвинувањата.