Можен нов дипломатски обид меѓу САД и Иран по неуспешните разговори

Објавено:

Преговарачките тимови на САД и Иран би можеле повторно да се вратат во Исламабад оваа недела за да ги продолжат разговорите за ставање крај на војната, јави агенцијата Ројтерс повикувајќи се на свои извори. Можноста за нова средба доаѓа откако разговорите за време на викендот пропаднаа, по што Вашингтон најави блокада на иранските пристаништа.

Иако американската блокада предизвика остра реторика од Техеран, сигналите дека дипломатскиот ангажман би можел да продолжи придонесоа за смирување на пазарите на нафта. Референтните цени на нафтата во вторникот повторно се спуштија под 100 долари.

Американскиот потпретседател Џ.Д. Венс изјави дека од Иран зависи „да го направи следниот чекор“, пренесува Ен-Би-Си-Њуз, додавајќи дека две лица запознаени со текот на преговорите потврдиле дека разговорите лице в лице меѓу САД и Иран би можеле да продолжат уште оваа недела.

Според изворот вклучен во разговорите којшто го цитира Ројтерс, САД и Иран би можеле повторно да ги испратат своите делегации на разговори веќе кон крајот на неделава, при што како можни датуми се разгледуваат во периодот од петок до недела.

Разговорите меѓу САД и Иран, кои се одржаа на највисоко ниво од Исламската револуција во 1979 година, завршија без резултат за време на викендот во пакистанскиот главен град. Неуспехот на преговорите отвори прашања и за опстанокот на двонеделниот прекин на огнот, кој според договорот останува во сила уште една недела.

Блокада и тензии во Ормутскиот теснец

Откако САД и Израел ја започнаа војната на 28 февруари, Иран практично го затвори Ормутскиот теснец за речиси сите бродови освен за сопствените, наведувајќи дека преминот ќе биде дозволен само под иранска контрола и со плаќање надомест.

Како контрамерка, на 13 април американската војска соопшти дека започнала да го блокира бродскиот сообраќај кон и од иранските пристаништа. Техеран возврати со закани дека ќе ги погоди воените бродови што минуваат низ теснецот и дека ќе се одмазди врз пристаништата на соседните земји од Персискиот Залив.

Речиси 24 часа по објавувањето на блокадата од страна на САД, засега нема извештаи дека Вашингтон презел директни мерки за физичко запирање на бродскиот сообраќај.

Податоците за бродскиот сообраќај покажуваат дека три танкери поврзани со Иран во вторникот транзитирале низ Ормутскиот теснец. Сепак, тие не се движеле кон или од иранските пристаништа.

Кина и Русија со дипломатски активности

Во меѓувреме, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров пристигна во Пекинг, во момент кога Кина ги засилува дипломатските активности поврзани со војната во Иран. Блокадата на САД врз бродовите што влегуваат во иранските пристаништа, кинеското Министерство за надворешни работи ја оцени како „опасна и неодговорна“.

Се очекува Лавров да се сретне со кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји за време на посетата на 14 и 15 април, кога ќе се разговара за војните во Иран и Украина, како и за продлабочување на односите меѓу Пекинг и Москва, соопшти руското Министерство за надворешни работи, пренесе Радио Слободна Европа.

„Се очекува темелна размена на мислења за голем број „жешки теми“ и регионални прашања, вклучително и украинската криза и ситуацијата на Блискиот Исток“, се наведува во соопштението. Според него, на разговорите ќе стане збор и за соработката меѓу Кина и Русија во мултилатерални организации како Азиско-пацифичката економска соработка, БРИКС, Г20, Шангајската организација за соработка и Обединетите нации.

Портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Лин Џијан, американската блокада на Ормутскиот теснец ја оцени како „опасна и неодговорна“, предупредувајќи дека таквиот потег само ќе ги продлабочи тензиите меѓу САД и Иран.

„Ги повикуваме релевантните страни да го почитуваат договорот за прекин на огнот, да останат посветени на насоката на мировните разговори и да преземат конкретни чекори за намалување на тензиите, со цел нормалниот бродски сообраќај низ теснецот што поскоро да биде обновен“, напиша портпаролот во објава на мрежата Икс.