Дипломатот од кариера и амбасадор-ветеран, Џои Худ, чиј фокус бил и Блискиот Исток, вели дека САД и Иран извлекле остри лекции од насилното ново поглавје во децениското непријателство. Тој во интервју за RFE/RL вели дека Техеран научил дека САД можат да елиминираат високи лидери по своја волја, реалност што ќе го обликува идното донесување одлуки на Иран.
Истовремено, додава Худ, Вашингтон научил дека Иран, па дури и некои недржавни актери, можат ефикасно да го нарушат протокот низ Ормутскиот теснец користејќи нискобуџетни алатки како дронови, мини или дури веродостојни закани, без да распоредат конвенционални поморски сили.
„Во однос на научените лекции, мислам дека Техеран научил дека САД можат да елиминираат речиси секој лидер во секое време кога ќе посакаат. Тоа ќе мора да биде фактор во размислувањето на секој ирански лидер кој ќе се искачи на лидерска позиција и, како последица, нивната преговарачка позиција – знаејќи дека ако преминат премногу далеку преку „црвените линии“ на Америка, тие би можеле да бидат следните елиминирани. Второ, мислам дека САД научиле дека Иран, или дури и други актери, можат да го контролираат Ормускиот теснец само со лансирање неколку евтини дронови или мини, или дури со самата закана дека ќе ги употребат. Сега не е потребна армада за да се блокира теснецот, ниту пак длабоки мински полиња. Сè што е потребно е доволно да се исплашат осигурителните компании за бродовите да престанат да се движат – бидејќи осигурувањето е премногу скапо, едноставно недостапно, или пак самите транспортни компании одлучуваат дека не сакаат да го преземат тој ризик“, вели Худ.
Ако објавените ирански преговарачки поенти се точни, вели Худ, јазот меѓу страните останува голем. Според него, ризикот од нова ескалација останува висок, бидејќи двете страни сè уште веруваат дека можат да наметнат значителни трошоци една на друга.
Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп изјави дека американската морнарица веднаш ќе започне со блокада на Ормутскиот теснец. Со ова, дополнително се зголемуваат тензиите откако маратонските преговори со Иран завршија без договор доведувајќи го во прашање двонеделното примирје, пишува Би-Би-Си.
Трамп исто така, во објава на Truth Social наведе дека САД ќе го пресретнуваат секој брод во меѓународни води кој платил такса на Иран.
Двете страни претходно се обвинија меѓусебно за неуспехот на разговорите за ставање крај на шестнеделните борби кои одзедоа илјадници животи, ја разнишаа глобалната економија и предизвикаа нагло зголемување на цените на нафтата.


