Ќе се снима кој и кога фрла отпад во Скопје. Ова може да се заклучи од одговорите што Колегиум.мк ги доби од градските власти кои планираат поставување камери на критични места за да ја подобрат хигиената во главниот град.
И додека локалните власти планираат да постават видео надзор на критичните позиции во градот, тече петтиот месец од забраната за фрлање ѓубре во периодот од 22 до 06 часот. Оваа забрана беше воведена во ноември 2025-та со цел да се воспостави ред во собирањето на отпадот и да се намали создавањето диви депонии околу контејнерите.
Од казните за непочитување на забраната досега градот „заработил“ над 2 илјади евра (133.300 денари). Станува збор за казна во вредност од 50 евра за физички лица. Најголем дел од прекршителите се околу стотина физички лица, а десетина се правни лица, информираат од Град Скопје за Колегиум.мк.
„Во овој приод изречени се и стотина опомени. Инспекторатот на Град Скопје планира да ја продолжи истата динамика на работа, односно редовни дежурства во три смени и зачестени контроли на критичните локации. Дополнително се планира поставување на видео надзор на критични позиции во градот“, велат од Град Скопје за Колегиум.мк
Забраната првично стартуваше со опомени и по неколку месеци инспекцијата почна да казнува.
Од денешна временска дистанца, градските власти оценуваат дека ваквиот потег во „значителна мерка ја подобри хигиената во главниот град и делуваше позитивно на начинот на постапување со отпад на жителите на градот“.
А, дел од жителите кои зборуваа за Колегиум.мк, го мислат спротивното. Според нив сликата во градот е далеку од чиста, и натаму има преполни контејнери, со расфрлан смет околу нив.
Што мислат граѓаните?
Дел од граѓаните со кои разговаравме велат дека не е важно во колку часот се фрла ѓубрето, туку да не се фрла каде што не треба.
„Треба повеќемина да ја почитуваат мерката, не некој како единка да почитува. Само уште многу треба да се направи за овој град да го добие правото светло што го заслужува“, вели скопјанката Светлана за Колегиум.мк.
Нејзиниот сограѓанин Никола вели дека не знае зошто е ограничено времето за фрлање на ѓубрето во контејнерите, а според Јовица, градот е „далеку од почист“.
„Оваа забрана не го направи градот почист, тука во Центар е уште повалкано, плус недостасуваат контејнери, имавме два, а сега имаме еден и тој е скршен,“ забележува скопјанската Маја.
Сепак, мерката продолжува да важи, а градските власти посочуваат дека Инспекторатот и во наредниот период ќе продолжи со редовни дежурства во три смени и зачестени контроли на критичните локации.
Покрај казните за непочитување на забраната за фрлање ѓубре навечер, податоците од Градот Скопје покажуваат дека во период од 18 ноември лани до крајот на март, инспекторите изрекле вкупно над 200 казни за физички и 20 за фирми. Тука влегуваат казни по сите основи за непочитување на комуналниот ред.
„По основа на овие изречени казни во буџетот на Град Скопје до овој момент, се слеани 531.960 денари (речиси 9.000 евра). Во овој период изречени се над 200 опомени“, велат од Градот.
Воведувањето на забраната за фрлање ѓубре навечер и најавата за поставување видео надзор на критични точки доаѓаат по промените во раководството на главниот град. Во ноември 2025 функцијата градоначалник ја презеде Орце Ѓорѓиевски откако победи на локалните избори како кандидат на ВМРО-ДПМНЕ.
Токму хигиената и тетманот на отпадот беа една од најактуелните теми во изборниот период. Во предизборието кулминираше ситуацијата со хигиената бидејќи не се собираше отпадот. Местата каде се поставени контејнери се претворија во мали депонии, а граѓаните беа револтирани дека „пливаат во ѓубре“.
Така, ветувањата за почист град се слушаа секојдневно.
Чистењето на градот за 72 часа беше едно од најгласните ветувања и на Ѓорѓиевски. Поранешната градоначалничка Данела Арсовска и дел од опозицијата, пак, ја обвинуваа владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ дека со нејзините членови во Управниот одбор на „Комунална хигиена“ намерно го кочат собирањето на ѓубрето во главниот град.

Колапсот со собирањето на комуналниот отпад беше причина и Јавното обвинителство да отвори истрага во рамки на која во притвор завршија поранешниот директор на Јавното претпријатие Комунална хигиена и еден од раководителите. Истрагата се однесуваше на сомнежи за загрозување на животната средина и здравјето на луѓето поради насобраниот отпад.
На крајот од минатата година, обвинителите покренаа обвинение против нив за кривичното дело „загрозување на животната средина и природата со отпад“.
Обвинителството тврдеше дека во текот на октомври, двајцата обвинети, со пропуштање на вршење надзор над собирањето, со транспортот и со непрописно управување со отпадот можеле да предизвикаат значително оштетување на квалитетот на почвата, воздухот или водата, опасност за животот или здравјето на луѓето или уништување на растителниот или животинскиот свет во поголеми размери.


