Масакр во Турција: Ученик уби најмалку девет лица и рани 13

Објавено:

Четиринаесетгодишен ученик застрела најмалку девет лица, вклучувајќи осум негови соученици, и рани уште 13 други во средно училиште во југоисточна Турција во среда.

Ова е второ пукање во училиште за два дена во Турција.

Турскиот министер за внатрешни работи, Мустафа Чифчи, изјави дека шестмина од ранетите се во критична состојба.

„Ова беше исклучиво личен напад извршен од еден од нашите ученици, не станува збор за терористички инцидент“, рече Чифчи, пренесува агенцијата Ројтерс.

Гувернерот на Кахраманмараш, Мукеррем Унлуер изјави дека нападот го извршил ученик од осмо одделение во Средното училиште „Ајсер Чалик“, од засега непознати причини, пишува новинската агенција Анадолија.

Ученикот од осмо одделение донел огнено оружје во ранец и почнал неселективно да пука откако влегол во две училници каде се наоѓале петтооделени.

Според изјавата на Унлуер, властите веруваат дека оружјето што го носел 14-годишникот му припаѓаат на таткото кој е поранешен полицаец.

Државната телевизија ТРТ објави дека таткото на ученикот бил приведен на распит.

Нападот се случи еден ден откако 16 лица, претежно ученици, беа ранети кога поранешен ученик отвори оган во средно училиште во турскиот град Сиверек, во округот Шанлиурфа.

До оваа недела, пукањата во училишта беа ретки во Турција.

Турските власти воведоа забрана за емитување на „трауматични“ снимки од нападот, предупредувајќи ги медиумските организации да го ограничат известувањето само на изјави од официјални лица, објави агенцијата АП.