Најмалку 16 повредени во училиште во Турција, напаѓачот се самоубил

Објавено:

Најмалку 16 лица, меѓу кои и ученици, биле ранети во пукање во училиште во турскиот град Сиверек, во округот Шанлиурфа југоисточна Турција. Како што јави турската државна телевизија ТРТ Хабер, напаѓачот бил поранешен ученик на училиштето и извршил самоубиство кога сфатил дека ќе биде фатен, соопшти гувернерот на округот, Хасан Шилдак.

Причината за пукањето што се случи утрово сè уште не е јасна.

Според извештаите во медиумите, познато е дека напаѓачот бил роден во 2007 година, учел во училиштето до деветто одделение, по што се префрлил во друго училиште. Напаѓачот користел ловечка пушка.

Според изјави на очевидци биле земени заложници, меѓу кои и ученици. Друг дел од учениците кои се наоѓале во зградата се обиделе да побегнат скокајќи низ прозорците.

Првично напаѓачот, кој се криел во самото училиште, одбил да се предаде по предупредувањето од полициските екипи испратени на местото. Потоа биле ангажирани и специјалните единици.

Гувернерот на Шанлиурфа соопшти дека во моментов продолжува болничкото лекување на 12 од повредените. Од нив четворица се наставници, 10 се ученици, еден е полициски службеник, а еден е вработен во училишната менза.