Трудови инспектори влегуваат во конфекциите во Кочани кои оставија стотина работници на улица

Објавено:

По три дена откако работници од конфекциите „Артекс“ и „Лидо – текс“ во Кочани обвинија дека раководството ги затворило конфекциите преку ноќ и без да им исплати по две плати и К-15, Државниот инспекторат за труд денеска влегува да направи инспекција.

По претставките на работниците ќе постапат еден инспектор од Прилеп и еден од Битола, бидејќи инспекторот надлежен за Кочани имал конфликт на интереси, потврди Гани Максути, директор на Инспекторатот, за Колегиум.мк.

Постапката налага инспекторите прво да дадат краток рок да се исплатат заостанатите плати. Следно е платен налог за казна.

Во двете конфекции, кои работеа дваесетина години, има околу сто вработени.

„Лидо – текс“ е заштитно друштво за инвалидни лица.

Колегиум.мк се обиде да разговара со сопственикот и управител на двете конфекции. Рече дека ќе нѐ побара откако ќе се консултира со адвокат, но до објавувањето на текстот тоа не се случи.

Работници посочуваат дека и на вчерашниот состанок, раководството преку адвокат им нудело да потпишаат спогодбен прекин на работниот однос.

„Пријавено е секаде, и во инспекција и во Управа за јавни приходи и во суд. И претходно сме пријавувале, никој од институциите не дојде. Ние спогодбен отказ нема да потпишеме. Штом се затвора фирмата, нека ни дадат отказ од деловни причини за да можеме барем да се пријавиме во Агенцијата за вработување“, изјави работничката Лиле Николовска за Колегиум.мк.

Горан Стојановски, адвокат на работниците, вчера до судот поднел предлог за отварање стечајна постапка, за да се именува привремен стечаен управник и да се замрзнат сметките и имотот, откако работници искажале сомнеж дека газдата го отуѓува имотот. Судско решение очекува во следните денови.

„Интерес на вработените е да им се исплатат платите и К-15. Ако ги исплати, ќе го повлечеме предлогот за стечајна постапка“, кажа Стојановски.

„Гласен текстилец“, здружение за заштита на работничките права е информирано за затворањето на двете кочански конфекции. Кристина Ампева, претседателка на здружението, вели дека вакво непочитување на работничките права се повторува бидејќи институциите не го спречуваат и покрај тоа што до нив стигнуваат пријави.

„Колку вакви фирми ни се случија низ години, а државата спие. Само минатата година имавме околу десетина фирми од кои добар дел со странски сопственик, кои ставија клуч на врата, од денес за утре, со неколку неисплатени плати, придонеси, К-15 и други парични побарувања кои ги следуваат работниците кога фирмата се затвора. Сме поднесувале пријави до до Трудов инспекторат, до УЈП, до финансова полиција, обвинителство, но загрижува што од дел од институциите нема соодветен одговор, особено од финансиските институции должни да го штитат граѓанинот, но и државните фондови и каса од финансиски злоупотреби“,вели Ампева.

Текстилната индустрија со години наназад е во слободен пад. Во минатата 2025 година беа затворени десетина текстилни фабрики само во источниот регион на државата, во кој спаѓа и Кочани.

Текстилниот сектор во Северна Македонија има учество од над 10 отсто од вкупното индустриско производство. Најголем дел од компаниите работат производство со странски партнери, главно од западноевропски земји. Според бројките од Државниот завод за статистика, овој сектор пред десет години броел 46.558 работници, додека во 2024 вкупниот број изнесувал 32.102 – што значи дека за десет години има 14.456 помалку текстилни работници. Во периодот од 2015 до 2024 година, статистичките податоци покажуваат за речиси двојно е намалено учеството на текстилната индустрија во вкупниот извоз на државата ( од 14,6 отсто на 6,15 отсто).