Македонските антикризни мерки – намалување на ДДВ, регионалните со рестрикции

Објавено:

До 20 април државата ќе се откаже од осум проценти од данокот на додадена вредност за горивата. Тоа значи дека до 20 април, данокот ќе биде намален од 18 на 10 проценти. Ова е една од мерките која по вонредната владина седница на 5 април ја соопшти премирот Христијан Мицкоски.

Овој потег доаѓа во време кога цените на енергенсите растат низ целиот свет поради ескалацијата на тензиите и конфликтите на Блискиот Исток, за кои аналитичарите предупредуваат дека би можеле значително да ги нарушат глобалните резерви на нафта.

Мицкоски на прес конференција посочи дека донеле и одлука за намалување на акцизите на дизелот за 4 денари по литар и за бензините од 95 и 98 октани за 2 денари по литар. Мицкоски изјави дека во разговорите со компанијата ОКТА, договорено е продолжување на попустите на оваа компанија до крајот на април, со што вкупното намалување кај дизелот, како што рече тој, ќе достигне 7 денари по литар.

„Кога сето ова ќе се анализира, доаѓаме до цена која за дизелот ќе биде иста како и до сега“, изјави Мицкоски.

Мицкоски истакна дека без намалување на ацизата, литар дизел ќе беше околу 102 или над 102 денари, а безоловниот бензин од 95 и 98 октани ќе беше поскап за 1,5 до 2 денари. Според него, со овие мерки, Владата ќе ги заштити граѓаните од глобалната криза.

Мицкоски вели дека зголемената потрошувачка од два милиони литри дневно се должи на притисокот од дел од земјите од соседството, чии граѓани доаѓаат да полнат гориво на бензинските пумпи во Македонија.Но, и покрај тоа, како што вели тој, состојбата со снабдувањето со нафта и нафтени деривати, во земјава е стабилно.

„Имаме план и би сакал да ги уверам граѓаните дека нема потреба во овој момент од загриженост, користиме најниска цена на горивата во регионот, па и во Европа“, напиша Мицкоски на социјалната мрежа Фејсук.

Според Мицкоски, македонските мерки во споредба со другите земји од регионот се подобри, затоа што како што вели, за разлика од други држави коишто досега интервенирале само во делот на акцизите, земјава го намалила и ДДВ-то за горивата од 18 на 10 проценти, со што, како што потенцира, „можеби сме единствениот случај со ваква директна и робустна акција со којашто сите граѓани и сите бизниси имаат бенефит“. Тој додава дека засега нема потреба од било какви ограничувања, бидејќи во разговор со трговците и со снабдувачот добил уверување дека нема опасност да бидат загрозени домашните потрошувачи и покрај зголемата потрошувачка од еден и пол милион литри на ден на два милиони литри за 24 часа.

Споредба на мерките од регионот

За шесте земји од Западен Балкан, „нафтениот шок“, предизвикан од војната на Блискиот Исток, наложи итни државни интервенции за да се спречи економска парализа, бидејќи овие земји се зависни од увезените фосилни горива за транспорт и индустриско производство.

Србија донесе мерка со која е воведена мерка – забрана за извоз на нафта и нафтени деривати која е на важност втор месец. До 15 април на сила ќе биде и мерката со која привремено е намалена акцизата за бензин и дизел за 20 проценти поради наглиот пораст на цените на суровата нафта на светскиот пазар.

Хрватската влада пред една недела претстави нов пакет мерки насочени кон заштита на граѓаните и бизнисите од зголемените трошоци за енергија предизвикани од нестабилноста на глобалните пазари. Хрватска намали дел од акцизата за горива и ги ограничи маржите на дистрибутерите со цел да се ублажат зголемувањата на цените. Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ посочи дека цените на електричната енергија ќе останат непроменети во следните шест месеци, додека цените на бензинот ќе останат фиксни до 30 септември.

Според албанскиот премиер Еди Рама, цените на нафтата во Албанија „се зголемени умерено во споредба со порастот на меѓународните пазари“. Тој на последната конференција минатата недела изјави дека покрај намалување на акцизата за 20 проценти, албанската влада работи на нова иницијатива, со која властите планираат да влезат на пазарот како гарантиран дистрибутер и трговец на големо. Рама истакна дека улогата на државата ќе обезбеди обем на снабдување, ќе ги поддржи операторите и ќе ги олесни односите со трети страни.

Слично и владата во Босна и Херцеговина иницираше предлог за привремено укинување или значително намалување на акцизите за горивата. Засега на сила се мерките со кои е ограничена цената на горивата за малопродажба.

Во Косово, бизнисите веќе неколку недели бараат владина интервенција за да се ограничи порастот на цените на горивата, објавува „Коха диторе“. Поради ескалацијата на тензиите на Блискиот Исток, овие цени се зголемија за над 20 центи, достигнувајќи повеќе од 1,50 евра за литар дизел.

Словенија го ограничи точењето на горива на 50 литри за граѓаните и 200 литри за фирмите. Оваа одлука беше донесета откако жители на Австрија и Италија почнаа масовно да полнат гориво на словенечките бензински пумпи со што им ја зголемија потрошувачката.

Актуелниот конфликт на Блискиот Исток, особено околу Ормутскиот теснец, предизвикаа нестабилност на глобалните пазари и нагло зголемување на цените, додека дел од индустриите, особено авиосообраќајот, изразуваат сериозна загриженост за снабдувањето со гориво.

Во меѓувреме Европската унија (ЕУ) ги проценува сите можности, вклучително и рационализирање на горивото и ослободување на повеќе нафта од резервите за итни случаи, додека се подготвува за „долготраен“ енергетски шок од војната на Блискиот Исток, изјави Ден Јоргенсен, комесар за енергија на ЕУ, во интервју за „Фајненшл тајмс“.

„Ова ќе биде долга криза… цените на енергијата ќе бидат повисоки многу долго време“, рече Јоргенсен велејќи дека за некои по „критични“ производи „очекуваме да биде уште полошо во наредните недели“.

Тој рече дека иако ЕУ сè уште не е во криза снабдувањето со енергенси, Брисел изготвува планови за справување со „структурните, долготрајни ефекти“ од конфликтот.

Предупредувањето од ЕУ доаѓа во време кога енергетскиот шок одекнува низ целиот свет, зголемувајќи го спектарот на повисока инфлација и побавен економски раст, принудувајќи ги владите да изготвуваат планови за поддршка на потрошувачите и поттикнувајќи некои земји да ги активираат електраните на јаглен.