„Имам чувство дека набргу високи функционери од претходната влада на СДСМ, ќе бидат опфатени со одредени прогони“, изјави денеска (15 април) македонскиот премиер, Христијан Мицкоски.
Ваквиот коментар на премиерот доаѓа по барањта на опозицијата да се испрати ново барање за екстрадиција на поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски кој во 2018 година побегна во Будимпешта и доби политички азил. По смената на власта во Унгарија, победникот на парламентарните избори опозицискиот лидер на партијата Тиса, Петер Маѓар, најави екстрадиција на политичките азиланти посочувајќи дека неговата држава нема да биде „депонија за меѓународно барани криминалци“.
Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање на денешниот настан за промоција на новиот возен парк за Македонска пошта, изјави дека имал само „чувство, а не информација, оти поранешни премиери, претседатели на влада, нивни блиски од семејството и така натаму, ќе бидат опфатени со одредени прогони“.
„Очекувам дека и тогаш кога тоа ќе се случи, исто така ќе имаат вакви прес-конференции и тогаш нема да велат дека тоа е политички прогон, туку ќе ги повикат да одговараат пред органите, односно да ја докажуваат својата невиност“, истакна премиерот.
Тој очекува опозицијата да биде критичка и во своите редови и доколку поранешни високи функционери од претходната влада на СДСМ бидат опфатени во одредени прогони, да излезат на прес-конференции и да ги повикаат на одговорност.
Мицкоски ѝ порача на опозицијата, доколку сакаат да бидат реална алтернатива на оваа Влада, да го повикаат Васко Ковачевски да се врати и да се соочи со правдата.
„Но, она што загрижува е фактот дека опозицијата сè уште не ја научии лекцијата и сè уште живее во оној свој паралелен свет, па никако не можете да слушнете, да речеме, да го повикаат Васко Ковачевски да се врати и да се соочи со правдата. И се чудам зошто на нивните прес-конференции, доколку сакаат и пледираат да бидат реална алтернатива на оваа Влада, не можете да го сретнете името на Васко Ковачевски и да го повикаат исто така да се врати и да се соочи со правдата“, рече Мицкоски.
Низа обвинувања како реакција од СДСМ
По неговата изјава, опозициската СДСМ реагираше со писмено соопштение во кое се оценува дека „зад ваквите настапи стои страв и обид за дефокусирање на јавноста“.
Во реакцијата, од СДСМ оценуваат дека Мицкоски „ја повторува истата матрица од минатото, но дека овојпат неговото „чувство“ е диктирано од страв“.
„Де факто и де јуре – имаме чувство дека стравот му влезе длабоко во коските на Мицкоски“, се вели во реакцијата.
Од СДСМ понатаму додаваат дека имаат чувство оти Европското обвинителство веќе го има предметот за, како што тврдат, „Орбановите бизнис-комбинации“, во кои според нив, е вмешан и самиот Мицкоски.
Воедно, посочуваат дека граѓаните на Македонија многу наскоро ќе чујат, како што велат, шокантни детали за договорите Орбан–Мицкоски–Вучиќ на Балканот.
Од СДСМ велат и дека „јавноста ќе дознае и како се трошеле парите на македонските граѓани, односно преку какви кредити, медиуми, телекомуникации и инфраструктурни проекти се движеле средствата“.
Во реакцијата се споменуваат и сомнежи дека дел од тие процеси би можеле да бидат поврзани и со перење пари преку одредени финансиски институции.
„Ова, сепак, е само чувство. Но, де факто и де јуре знаеме дека за сето ова ќе мора да се одговара – пред домашното и пред меѓународното правосудство“, се наведува во партиското соопштение.
На крајот, од таму порачуваат дека наместо, како што велат, преку медиумите да им задава задачи на обвинителите за да обезбеди материјал за својата „таблоидна мрежа“, Мицкоски треба да се подготви да ги објасни сопствените врски со, како што тврдат, криминалниот режим на Орбан, бидејќи, според нив, наскоро тие ќе бидат предмет на судска постапка.
Во меѓувреме, од Министерството за правда велат дека ја почнале постапката за прибирање на потребните списи за сите предмети поврзани со поранешниот премиер Никола Груевски за, по нивна анализа, евентуално да се поднесе барање за негова екстрадиција од Унгарија.
Македонија досега поднела едно барање за екстрадиција на Груевски во 2018 година, како и дополнување на барањето во 2019 година. Тогаш Врховниот суд во Будимпешта го одби македонското барање со образложение дека на Груевски му е одобрен азил, а согласно унгарските закони, човек кој добил азил во Унгарија, не може да биде екстрадиран во државата од која избегал.
Груевски избега во Унгарија во 2018 година, кога требаше да влезе во затвор за издржување на двегодишната казна во случајот „Тенк“ на Специјалното јавно обвинителство, кој се однесува на незаконската набавка на блиндираниот „мерцедес“.
Во меѓувреме, извршувањето на оваа казната застаре, па сега, за Груевски се активни две потерници – за предметот „Насилство во Центар“, за што е осуден на една ипол година заствор (застарува на 10 септември 2027 година) и за предметот „Плацеви на Водно“ со единствена казна затвор од девет години чие извршување застарува на 11 февруари 2043 година, соопштија од Кривичен суд.


