Расте бројот на жртви во ноќните напади врз Киев и Одеса

Објавено:

Осум лица беа убиени, а 12 беа повредени за време на мешаниот масовен ноќен напад во Одеса, објави началникот на регионалната воена администрација на Одеса, Олег Кипер, на Телеграм.

„Ноќе, Русите масовно ја нападнаа Одеса. Градот доживеа неколку бранови мешани напади со ракети и беспилотни летала. Предизвикана е штета на пристанишните, критичните и станбените инфраструктурни објекти“, објави Кипер.

Како резултат на гранатирањето, избувнале пожари на одредени инфраструктурни локации.

Како што јавуваат агенциите, Русија започнала бран воздушни напади врз Киев преку ноќ, при што загинале најмалку четири лица, вклучувајќи и едно дете.

Шефот на воената администрација на главниот град, Тимур Ткаченко, на Телеграм напиша дека 18 лица се повредени. Меѓу жртвите имало 12-годишно дете и 35-годишна жена.

Новинарите на „Киев Индепендент“ објавија повеќекратни експлозии, а ракетите го погодиле градот во неколку бранови.

Целосниот обем на штетата и жртвите е непознат додека нападите продолжиле и во утринските часови.

Предупредувања за воздушен напад биле издадени и во други области.

Најмалку три лица загинаа, а 27 се повредени во ракетен напад во Дњепарк, изјави началникот на регионалната воена администрација, Олександр Гања, на Телеграм.

Во меѓувреме, воздухопловните сили на Украина собориле или неутрализирале 31 руски ракета и 636 беспилотни летала во нападите во текот на изминатите 24 часа, јави Ројтерс.

„Во овој период, непријателот започна два брана комбинирани напади врз украинска територија, користејќи ракети од копно и од воздух, како и борбени беспилотни летала“, се вели во соопштението на воздухопловните сили на Телеграм.

Вкупно, биле откриени 703 руски воздушни цели.