Стартува десетдневното примерје меѓу Израел и Либан

Објавено:

Американскиот претседател Доналд Трамп објави дека Израел и Либан се согласиле на 10-дневна пауза во борбите почнувајќи од четврток во 21 часот по средоевропско време, по „одлични“ разговори што ги имал со лидерите на двете нации.

Израелската и либанската влада се согласија на прекин на огнот по повеќе од еден месец војна меѓу Израел и милитантната група Хезболах, поддржана од Иран, во Либан.

Речиси 2.200 луѓе во Либан се убиени од израелските воздушни напади. Израел изведува напади врз милитантите на Хезболах, поддржани од Иран, во соседен Либан од 2 март, два дена по почетокот на американско-израелската војна со Иран, кога силите на Хезболах отворија оган во поддршка на Техеран. Тековното двонеделно примирје во војната со Иран не се однесува на Либан.

Хезболах, во соопштението изјави дека „секое примирје мора да биде сеопфатно на целата либанска територија и не смее да му дозволи на израелскиот непријател никаква слобода на движење“.

Хезболах, милитантна група и политичка партија што контролира голем дел од јужен Либан, се смета за терористичка организација од страна на САД, додека Европската унија го стави на црната листа само нивната воена не и политичката организација. Сегашната израелска кампања против Хезболах во Либан доаѓа 15 месеци по уште еден голем конфликт. Хезболах изјави дека продолжената израелска окупација му дава на Либан право да се спротивстави.

Трамп, исто така, рече дека ги поканува израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и либанскиот претседател Џозеф Аун во Белата куќа на првите директни разговори на лидерите по повеќе од 30 години. Аун одби да разговара со Нетанјаху неколку часа претходно.

Амбасадорите на Израел и Либан во САД ги одржаа своите први директни дипломатски разговори по децении претходно оваа недела.

Новинската агенција Ројтерс го цитираше високиот пратеник на Хезболах, Хасан Фадлалах, кој изјави дека групата била информирана од амбасадорот на Иран во Либан дека еднонеделното примирје може да започне вечерта на 16 април.

„На прашањето дали Хезболах ќе се обврзе на примирјето, Фадлалах рече дека сè е поврзано со посветеноста на Израел да ги запре сите форми на непријателства и им припиша заслуга на дипломатските напори на Иран за евентуалното примирје“, објави агенцијата Ројтерс.

Најавата на Трамп за прекин на огнот дојде два дена по средбата на израелскиот и либанскиот амбасадор во Вашингтон, што беше првиот голем состанок на високо ниво меѓу двете влади по повеќе од три децении. Средбата заврши со договор меѓу страните за започнување директни преговори во меѓусебно договорено време и место.

Иако засега вниманието е насочено кон Либан, Иран и САД наводно бараат начин да договорат втора рунда мировни преговори, бидејќи кревкото двонеделно примирје, постигнато со посредство на Пакистан, со кое беа прекинати 40 дена борби, истекува на 22 април.

Светските медиуми на 15 април објавија дека Техеран и Вашингтон водат индиректни разговори за продолжување на примирјето, но нема официјален коментар од двете страни за евентуални преговори.

Началникот на пакистанската армија се состана со ирански претставници во Техеран во четврток, во обид да го продолжи одделното примирје меѓу Израел, САД и Иран. Останува неизвесноста колку досегашната дипломатија може да доведе до договор.

Втор круг разговори меѓу САД и Иран сè уште не е закажан, изјави портпаролот на Министерството за надворешни работи на Пакистан во четврток.