По долго боледување, почина новинарката Гордана Дувњак. Со кариера над три децении, Дувњак беше една од препознатливите фигури во македонското новинарство, особено во областа на политиката и правосудството.
Веста за нејзината смрт ја објави нејзиниот син Мартин Дувњак.
„Се одјави нашата мајка, жена, кралица Гордана Дувњак. Жена што не ја сакаше и не ја почитуваше само тој што ја немаше запознаено. Врвен професионалец и новинар, кој беше пример за чесност, љубов кон професијата и со став“, напиша синот Мартин.
Дувњак кариерата ја почна во 1988 во Македонската радио-телевизија. Од 1991 до 1999 работеше во „Нова Македонија, по што замина во „Утрински весник“, каде како новинарка и уредничка работеше до 2017.
Кариерата ја продолжи во новинската агенција „Макфакс“ во 2017 година, а една година подоцна стана дел од телевизијата 1ТВ, каде што исто така извршуваше уредничка функција. Од 2019 година работеше во неделникот „Фокус“.
Со нејзиното заминување македонското новинарство губи искусен и посветен професионалец, чиј придонес ќе остане трајно запаметен.


