Премиерот Христијан Мицкоски, денеска, во говорот на свечената академија по повод 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба, предупреди дека безбедносните служби на Балканот никогаш не престануваат да дејствуваат и дека не би го изненадиле обиди Македонија да биде вовлечена во проблемите и нестабилноста на соседните земји.
„Веќе Балканот не е единственото буре барут. Впрочем, Европа станува немирен вулкан. Сè помалку се слуша разумот, а секојдневно ги гледаме протестите, насилството во разни облици, присутни во Европа и кај нашите соседи“, рече Мицкоски.
Премиерот посебно се осврна на активностите на службите во регионот, предупредувајќи на можноста регионалните тензии да се прелеат и во Македонија.
„А на Балканот? На Балканот службите никогаш не престануваат да работат. И нема да ме зачуди доколку има и такви кои ќе се обидат да нè вмешаат во нивните проблеми или да префрлат дел од нивниот амбиент во нашето секојдневие“, изјави Мицкоски.
Во продолжение, тој упати обвинувања кон дел од опозицијата, тврдејќи дека постојат политички актери кои би можеле да учествуваат во такви активности поради лични интереси.
„А што се однесува до домашни актери за таква игра, тоа е многу лесно. Има неколкумина од опозицијата што за пари и лажни ветувања за фотелја чуда умеат да направат“, рече премиерот.
Мицкоски повика на зголемена свесност кај граѓаните и предупреди да не се подлегнува на провокации, вештачки наметнати прашања и, како што ги нарече, хиперболизирани етнички теми. Според него, од евентуалните кризи корист би имале оние кои со децении профитираат на сметка на граѓаните.
„И затоа нема да дозволам никакви нечесни игри, ниту авантури. И ако некој мисли дека може да си игра со државата, нека не ја потценува државата, ниту пак народот“, порача Мицкоски.
Во овој дел од обраќањето премиерот не посочи конкретни служби, држави или лица за кои смета дека би можеле да бидат вклучени во вакви активности, ниту изнесе конкретни докази за своите предупредувања.


