Владините веб-страници заштитени од пропустите во програмскиот јазик PHP

Објавено:

Веб-страниците на Владата и министерствата навреме биле заштитени од критичните безбедносни пропусти во програмскиот јазик PHP, кои предизвикаа привремено исклучување на многу владини веб страници низ Европа и светот. Како што соопшти Министерството за дигитална трансформација, според досегашните проверки, нема индикации дека ранливостите биле успешно искористени или дека владините веб-страници биле компромитирани.

„Според досегашните проверки, не се утврдени индикации за успешно искористување на наведените ранливости или за компромитирање на веб-страниците на Владата и министерствата“, се наведува во соопштението од кабинетот на министерот Стефан Андоновски.

Од Министерството информираат дека прво привремено го блокирале надворешниот сообраќај кон засегнатите системи, а потоа ги провериле верзиите на софтверот, ги инсталирале безбедносните ажурирања и ја провериле безбедноста на веб-серверите. Следењето на потенцијалните закани продолжува преку Секторот за кибербезбедност и владиниот тим МКД-ГОВ-ЦСИРТ.

Безбедносните пропусти во PHP, програмски јазик што се користи за изработка и одржување на голем број интернет-страници, предизвикаа загриженост ширум светот. По објавувањето на итните поправки, повеќе владини институции и компании привремено ги исклучија своите веб-страници за да спречат евентуални напади.

Пропустите биле откриени со помош на алатки за вештачка интелигенција, а експертите предупредуваат дека јавно достапните поправки може да им овозможат на хакерите полесно да ги анализираат ранливостите и да ги напаѓаат системите што сè уште не се ажурирани.

Компанијата за кибербезбедност „Виз“, која учествувала во откривањето на пропустите, проценува дека „PHP“ се користи на околу 70 проценти од веб-страниците во светот. Од компанијата предупредуваат дека станува збор за едни од најсериозните безбедносни проблеми со кои се соочил програмскиот јазик.

Според податоците на компанијата за интернет-разузнавање „Цензус“, околу 1,5 милиони од вкупно 2,6 милиони хостови користеле верзија на PHP за која сè уште немало достапна поправка.

Агенциите за кибербезбедност ширум светот ги повикаа корисниците итно да ги ажурираат системите или привремено да ги исклучат веб-страниците додека не се отстранат безбедносните ризици.