Палестинската милитантна група Хамас го предупредила Израел за можноста од повторување на напад од размерите на оној од 7 октомври 2023 година, објави израелскиот медиум „Јнет“.
Израелската државна агенција КОГАТ, надлежна за координација на цивилните прашања на палестинските територии, потврди за „Јнет“ дека заканата му била пренесена на еден од нејзините функционери за време на средба со Рамиз Алакбаров, специјален пратеник на Обединетите нации за Блискиот Исток.
Алакбаров минатата недела разговарал со високи претставници на Хамас. Наводите за заканата засега не можат независно да се потврдат.
Според „Јнет“, заканата е поврзана со дејствувањето на израелската војска, која и повеќе од една година по прогласувањето на прекинот на огнот продолжува да окупира повеќе од половина од територијата на Појасот Газа.
Како друга причина се наведува откажувањето на палестинските избори, кои требаше да се одржат во ноември.
Според наводите на „Јнет“, Хамас порачал дека веќе не е подготвен да ја прифаќа постојната состојба.
За заканата веднаш биле известени израелското политичко раководство и безбедносните служби, објави „Јнет“.
Во нападот на 7 октомври 2023 година, припадниците на Хамас убија околу 1.200 луѓе во Израел, додека повеќе од 250 лица беа заробени и одведени во Појасот Газа. Овој напад без преседан го предизвика почетокот на војната во Газа.
Од почетокот на војната се убиени повеќе од 74.000 Палестинци, според податоците на здравствените власти во Газа, кои се под контрола на Хамас.
Хуманитарната ситуација на таа територија и натаму е исклучително тешка. Големи делови од Појасот Газа се претворени во урнатини, а многу жители сè уште живеат во шатори и зависат од хуманитарна помош.
Според „Јнет“, Хамас предупредил дека напад од слични размери би можел да се случи каде било во самиот Израел, на окупираниот Западен Брег или во странство.
Сепак, неизвесно е дали Хамас сè уште располага со оперативни капацитети за изведување таков напад по три години војна. Според извештаите, групата регрутира нови борци, но тие наводно имаат мало искуство и ограничена воена обука.


