Во фондот за пензиско нема задолжени за ИТ безбедност

Објавено:

Државниот завод за ревизија (ДЗР) изврши увид на информациските системи во Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Северна Македонија на тема „Имплементација на превентивни мерки за информациска безбедност на ИТ системот на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Северна Македонија ”.

Целта на ревизијата е да се даде одговор на прашањето “Дали се имплементирани превентивни мерки за информациска безбедност на ИТ системот на Фондот?”, се вели во извештајот од ДЗР.

Со извршената ревизија утврдени се слабости во воспоставувањето и спроведувањето на превентивните мерки за информациска безбедност во Фондот, особено во стратегиското управување, ИТ капацитетите и континуитетот на работењето, поради што е потребно унапредување на контролите за заштита на информациите и ИТ ресурсите и обезбедување сигурно и непречено остварување на услугите кон граѓаните.

Заклучено е дека имплементацијата на превентивни мерки за информациска безбедност на ИТ системот на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување е со слабости кои влијаат врз целокупното ниво на ефективна заштита на информациите и ИТ ресурсите со кои се управува со податоците на корисници чии права се остваруваат исклучиво преку Фондот.

Утврдените состојби укажуваат на отсуство на сеопфатен стратегиски пристап кон ИТ безбедноста, неусвоена ИТ стратегија, неажурирани или неодобрени процедури и неспроведени законски задолжителни проценки на ризиците.

Дополнително, утврдени се слабости во човечките капацитети, планирањето и обезбедувањето ИТ ресурси, примената на безбедносните контроли и подготвеноста на Фондот за справување со инциденти и прекини во работењето.

Ревизијата утврди недоволни човечки капацитети во Секторот за информатика на Фондот, каде од 57 систематизирани работни места се пополнети само 17, односно 30%.

Особено е неповолна состојбата во Одделението за ИТ инфраструктура и поддршка, во кое е пополнето само едно од 13 работни места, а нема ниту вработени лица задолжени за информациска безбедност, се наведува во извештајот на Државниот завод за ревизија.