Поради Ел Нињо, рекордни температури на морињата и океаните

Објавено:

Временскиот феномен Ел Нињо може да достигне досега невидена јачина, при што температурите на морската површина во тропскиот дел на Тихи Океан би можеле да достигнат рекордни нивоа, соопшти Светската метеоролошка организација (СМО).

Температурите на морската површина во овој регион никогаш не биле толку високи во изминатите 40 години, односно откако почнале да се водат мерењата“, изјави во Женева генералната секретарка на СМО, Селесте Сауло.

Според климатските модели, температурите во Тихи Океан би можеле да се искачат до 3,8 Целзиусови степени над долгорочниот просек, додека претходното рекордно отстапување изнесуваше околу три степени.

„Настан на Ел Нињо се смета дека започнал кога температурите ќе се зголемат за најмалку 0,5 степени над вообичаеното ниво“, појасни Сауло.

Овој природен временски феномен, кој се развива на секои неколку години, може да предизвика силни суши или невообичаено обилни врнежи, во зависност од регионот, иако Европа генерално е помалку погодена од неговите последици.