Екстремните горештини предизвикани од годинашниот климатски феномен „супер Ел Нињо“ би можеле да резултираат со дури 451.000 дополнителни смртни случаи ширум светот од јуни годинава до февруари 2027 година, објавија оваа недела истражувачи од Лабораторијата за влијание на климата при Универзитетот во Чикаго.
Бројот на исклучително топли денови веројатно ќе се зголеми за 44 насто во споредба со вообичаените години, се наведува во истражувањето.
Земја која веројатно ќе претрпи најмногу дополнителни смртни случаи поврзани со горештините од септември 2026 до февруари 2027 година е Нигерија, со 31.400 случаи, а по неа следуваат Индонезија со 19.300 и Судан со 17.600 жртви.
Бројот на дополнителни смртни случаи би можел уште повеќе да се зголеми доколку Ел Нињо трае подолго од очекуваното во 2027 година, при што особено загрозени се клучните подрачја на северната хемисфера, вклучително и Индија и Пакистан, во текот на нивните летни месеци.
Лабораторијата за влијание на климата го опиша овогодишниот Ел Нињо како „разгледница од иднината“, која носи температури што за само неколку децении би можеле да станат нормални.
Во извештајот се наведува дека напорите на службите за итни случаи треба да се насочат кон приоритетните региони за да се ублажи смртноста предизвикана од горештините во наредните месеци.
„Ова истражување им овозможува на носителите на одлуки точно да видат каде уште сега може да се преземат итни мерки за да се спасат десетици илјади животи во наредните месеци“, изјави Мајкл Гринстоун, економист од Универзитетот во Чикаго и коосновач на лабораторијата.


