Путин подготвен да преговара, ама не и да попушти: Делови од Украина се руска територија

Објавено:

Рускиот претседател Владимир Путин, по разговорот со американскиот преговарач Стив Виткоф за можен крај на војната во Украина, изјави дека е подготвен за преговори, но останува на своите позиции дека делови од Украина се руска територија, пишува германската новинска агенција ДПА.

„Се договоривме дека сме подготвени повторно да ги воспоставиме нашите трилатерални контакти (со американски и со украински претставници, н.з.) “, изјави Путин во интервју за руската државна телевизија водено од Павел Зарубин, новинар близок до Кремљ.

Претходно и официјален Кремљ даде потврда за подготвеноста на Путин за трилатерални преговори.

Американскиот пратеник Виткоф, по разговорите со украинскиот претседател Володимир Зеленски и европски претставници, еден ден подоцна се сретна со Путин во Санкт Петербург. По средбата, советникот на Путин, Јуриј Ушаков, најави нови разговори меѓу Москва, Киев и Вашингтон кон средината на ноември.

„Целта на овие преговори ќе биде разгледување на прашањето за безбедносните гаранции за Украина и Русија по евентуалното склучување мировен договор“, изјави Путин.

Станува збор за „конечно решение“, а не за привремено уредување по запирање на борбите. Со тоа, рускиот претседател уште еднаш ја отфрли можноста за прекин на огнот.

Според Путин, Виткоф посочил дека покрај идната безбедност на Украина и Русија, на разговорите треба да се отвори и прашањето за европската безбедност.

„Во принцип, се согласувам со тоа. Ќе видиме како ќе се развива ситуацијата во наредните денови“, рече Путин.

Рускиот претседател, кој во 2022 година ја нареди инвазијата врз Украина, повторно ја обвини соседната земја дека сака војна, тврдејќи дека Русија не ја посакува таа војна.

Истовремено, Путин повторно го оспори територијалниот интегритет на Украина кога станува збор за регионите под руска окупација во источниот дел на земјата.

„Мојот став по ова прашање е дека тоа не е нивна територија, туку територија на историска Русија“, изјави тој.

Пред неколку дена американските медиуми објавија детали од разговор меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и Путин, во кој путин, според тие објави, понудил тој, Трамп и кинескиот лидер Си Џинпинг, да разговараат за крај на војната во Украина, но без учество на украинскиот претседател Володимир Зеленски.